Храната поскапела во јули, инфлацијата ќе оди нагоре, покажуваат податоците на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на кој биле разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5 отсто. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, кога сѐ уште постојат ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари – соопштија од Централната банка.
На седницата биле разгледани и најновите економски показатели во домашната економија.
По забавувањето на растот во првиот квартал на 2020 година, тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од годината упатуваат на понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, во согласност и со очекувањата. Тие се видливи преку двоцифрениот пад на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото. Сепак, гледано по месеци, поголем дел од надолното приспособување е сконцентрирано во април и мај, додека во јуни се забележуваат знаци на закрепнување – велат од НБМ.
Во однос на ценовните промени, стапката на инфлација во јули изнесуваше 1,3 отсто, на годишна основа и 0,6 проценти, збирно за првите седум месеци од годината, главно под влијание на повисоките цени на храната.
Ваквите поместувања претставуваат нагорно отстапување во однос на очекуваната стапка на инфлација за 2020 година. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, постои одредена неизвесност околу проекцијата на инфлацијата за 2020 година – укажуваат од НБМ.
Нивото на девизните резерви на крајот на јули, според сите показатели за адекватноста, и натаму е во сигурната зона. Во текот на јули, главните фактори коишто придонесоа за промената на девизните резерви се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство, а помал придонес имаа и извршените интервенции на Народната банка на девизниот пазар.
Ндворешната позиција на економијата, во второто тримесечје, е малку поповолна од очекуваната, при понизок трговски дефицит во однос на проектираниот. Притоа, извозните остварувања се подобри од очекувањата, во услови на значително подобрување на активноста на дел од компаниите ориентирани кон извоз во текот на јуни. Расположливите податоци од надворешниот сектор за третото тримесечје од годината се ограничени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.