Извршителите излегуваат на штрајк во четврток, дознава „Телма“. За прв пат по 13 години под клуч ќе бидат извршителските канцеларии. Одлуката е донесена на вчерашното вонредно Собрание на Комората.
Велат мораат да го искажат револтот и незадоволството од новиот Тарифник кој им го предложила министерката за правда, Рената Дескоска.
Најмногу негодуваат за тоа што со него им се намалува од 1.000 на 300 евра, максималната награда за извршителот, која можат да ја наплатат при извршување од сметките на граѓаните.
Доколку Министерството за правда пристапи кон измена на Тарифата како што е предложено, без позитивно мислење од Собранието на Комората на извршители, извршителите трајно ќе прекинат со работа сметано од денот на објавата на изменетата Тарифа во Службен весник – стои во одлуката на Комората на извршители.
Извршителите бараат од Дескоска, поради сегашниот и предложениот Тарифник дури и да предложи на Владата измени во законот со кој извршувањето пак ќе се врати во судовите.
Од Министрството за правда за „Телма“ велат се разгледуваат сите опции за да се постигне правичност при извршувањето.
Комората е автономна во своето одлучување. Министерството за правда ги разгледува опциите за правичност во извршувањето и заштита и на доверителите и на должниците- велат од правда.
„Телма“ дознава дека сите измени кои ги подготвува Правда најверојатно ќе бидат готови до крајот на неделава и по итна постапка ќе одат на усвојување во Собранието.
Неофицијално ќе има и опција за отпис на камати и репрограмирање на долгот кај граѓаните. Дури се размислува и за тоа максималната сума при извршување од сметка на граѓаните да се намали на една петина од сегашната една третина од приходот.
Но, што ќе влезе во конечното решение, ќе се знае наскоро.
Инаку, податоците од Централниот регистар покажуваат дека на листата топ 10 извршители лани, сите се со приходи од над 100.000 евра. Лани рекордер бил скопскиот извршител Гордан Станковиќ, со добивка од речиси 170.000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.