Република Македонија со СДСМ на власт стана земја на сиромаштија, криминал, политички прогон и неправди. За да ги покрие своите криминали но и неспособноста да донесе подобар стандард за граѓаните, власта почна да креира црно сценарио на поделби и прогони, смета ВМРО ДПМНЕ.

Во соопштението до јавноста ВМРО ДПМНЕ вели дека политичкиот прогон во земјава стана секојдневие.

Тие кои први го кренаа гласот против продажбата на државните интереси и погубните политики на Зоран Заев станаа и први жртви на заевизмот.  Недолжни граѓани ги полнат затворите, додека премиерот е ослободен за поткуп иако цела јавност виде како бара мито од 200.000 евра. Патриоти кои цел живот го посветиле за безбедноста на државата добиваат максимални казни затвор, а борци на ИСИС кои масакрирале луѓе добиваат три пати пониски казни, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Според партијата, додека власта со политички прогон си ги брани сопствените криминали, државата секојдневно тоне на секое можно поле.

Економијата ни е закована на дното, а БДП е со најнизок раст во Европа и регионот. Наместо да расте економијата, растат сиромаштијата, даноците и корупцијата. Нема 500 евра просечна плата, нема повисоки плати за лекарите и професорите, нема повисоки пензии, нема ни подобар стандард за младите, но затоа има вработувања за блиските и фризерките на функционерите од власта.  Власта ветуваше иднина за младите, но во реалноста го забрза иселувањето. Над 140.000 млади живеат под прагот на сиромаштијата и единствено што размислуваат е како побрзо да ја напуштат државата, се вели во соопштението на партијата.

Според ВМРО ДПМНЕ, иако се ветуваше подобро здравство, имаме здравство во кое умираат луѓе и се местат матни тендери.

Нема пари, за пензионерите, но има за луксузите на власта.  Власта која викаше дека ќе ни го зацврсти идентитетот, всушност го смени името на државата и ги присили сите институции и столбови на државноста да го променат името и да го изгубат својот институционален идентитет.
СДСМ и Заев донесоа само неправди, криминал и нечесност на секој чекор, а тоа не носи иднина за граѓаните и државата. Токму затоа граѓаните ќе се спротивстават на заевизмот и ќе се изборат за правда, владеење на правото и подобра иднина за себе и идните генерации и за Република Македонија, пишува во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.