Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Закон за престанок на важењето на Законот за трговија на зелени пазари донесен од владеачкото мнозинство. Имено, Законот за трговија зелени пазари го донесе гласачката машинерија на СДСМ во јануари 2018 година во отсуство на ВМРО – ДПМНЕ.

СДСМ искористувајќи го отсуството на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Собранието набрзина како и сите останати закони, го донесе овој штетен закон без никаква консултација ниту со пазарџиите, ниту со експертската јавност, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието.

Ваквото брзоплето и несериозно носење на Закон за трговија на зелени пазари денес во пресрет на изборен процес очигледно не им одговара на СДСМ, па сега одлучиле одложување на стапувањето на сила на законот за после изборите. Повторно една провидна мерка која не ги решава проблемите на пазарџиите кои што протестираа за ова штетно решение на СДСМ.

Да бидеме јасни, СДСМ со одложувањето на примената на Законот не го решава проблемот на пазарџиите туку само го пролонгира се со цел да не претрпи политичка штета за предстојните избори.

Мицевски дополни дека како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе поднесат Закон за престанок на законот за трговија на зелените пазари со што сакаат да овозможат оваа проблематика да се разгледа одново, да се слушне мислењето на пазарџиите, на експертската јавност, на пратениците од опозицијата и да се направи квалитетно решение во интерес на пазарџиите.

За таа цел, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија ќе бара да се одржи и јавна расправа во рамките на Комисијата за економски прашања на која би се изнеле разни ставови и решенија.

Исто така сакаме да најавиме дека во најбрз временски период представници и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе остварат средба со сите засегнати страни со цел изнаоѓање на најдобро можно решение, заврши Мицевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.