Владата на Република Македонија донесе Уредба со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за примена на законот за акцизите за време на вонредна состојба.

Со оваа Уредба се пропишува износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар, за гасно масло како погонско гориво, односно дизел горивото, за гасното масло како гориво за греење.

Уредбата е донесена за да се ублажуваат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот КОВИД-19 и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја предвид вонредната состојба во државата и забраните и ограничувањата за движење на населението, економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива во периодот на вонредната состојба, како и драстично намалената малопродажна цена на горивата на пазарот.

 

Согласно оваа уредба цената на акцизата на нафтените деривати опфатени со неа се зголемува за 3 денари.

Имајќи предвид дека имаме пад на цената на нафтата од околу 20 денари во период од 8 јануари до 6 април оваа година, имаме услови за преземање на ваква мерка, односно зголемување на акцизата за нафтените деривати како анти-кризна мерка во борба против КОВИД-19-објасни портаролот на Владата Мухамед Хоџа

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.