Мерките од пакетот за прогресивно оданочување се замрзнуваат во следните три години, односно нивната примена се прологира до 1 јануари 2023 година. Ваквата одлука на Владата следи по направените анализи за ефектите од реформата, чие прологирање не очекуваат да се одрази на социјалната реформа.
Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција во Владата објави дека прогресивното оданочување се става во мирување во следните 36 месеци, за три години се одложува и данокот на капитални добивки од хартии од вредност, како и одредбата за данок на доход од камати на депозити. Воедно, од 1 јануари следната година прагот за регистрација и плаќање ДДВ се подига на два милиони денари.
Резултатите од анализите покажале дека прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.
Во следните 36 месеци, стапката од 10 проценти ќе се применува на доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи, односно за оној доход за кој во сегашното решение е утврдена прогресија. Заедно со тоа ќе биде ставена во мирување и стапката од 15 проценти односно стапката од 10 проценти ќе се применува и за доход од права од индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, осигурување и друг доход, појасни Ангеловска.
Даночните ослободувања нема да се менуваат и остануваат како што се во сегашното решение, прецизира Ангеловска.
Планот за оданочување на данокот на капитални добивки од хартии на вредност ќе се воведе со друг модалитет и во предвид се земени аргументите од Комисијата за хартии од вредност и Македонската берза.
Не сакаме дестимулативно да влијаеме на развојот на берзата, рече Ангеловска.
Одложувањето на одредбата за данок на доход од камати од депозити се прави поради комплицираното администрирање кое би следело.
Во насока на намалување на админстративниот товар, покрај тоа што се подига прагот на ДДВ, Министерството за финасиии предлага да се промени и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и тој да се скрати на три години.
Зголемувањето на прагот на ДДВ, тврди Ангеловска, е олабавување на малите и средни компании, а не дополнителен товар.
Тие досега биле обврзани да се регистрираат со промет до милион денари, а сега тој праг се зголемува и сите мали и средни претпријатија нема да треба да се регистриарат на милион, туку на два милиона. Се работи за олабавување и не за дополнителни трошоци, наведе министерката за финансии.
Ангеловска потенцираше дека одложувањето на прогресивното оданочување не значи дека социјалната реформа пропаѓа. Државата, посочи, продолжува со политиките и социјалните реформи кои се почнати и даваат одлични резултати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.