Министерката за труд Јагода Шахпаска вели дека во креирањето на предлог-законот биле слушнати сите страни – а дока за тоа е што излегле во пресрет и ја прошириле првичната листа со 10 дејности кои ќе бидат изземени од мерката.

Го слушнавме барањето на сите засегнати страни и оттука првичниот став дека само 32 од дејностите ќе бидат исклучени, предлог-законското решение вклучува 42 исклучоци. Законското решение е веќе влезено во процедура и понатаму тече процесот во Собрание. Она што беше основно, идејата на законското решение е да се воспостави баланс меѓу приватниот и професионалниот живот на работниците, изјави Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика .

Сепак во листата на исклучоци не се најдоа градежниците, фармацевтите, фабриките за преработка на млечни производи, за алкохолни и безалкохолни пијалоци, спортски обложувалници.

Токму градежниот сектор алармираше дека се условени со рокови за изведба и не можат да си дозволат одмор в недела.

Апелираме законодавниот дом да го преиспита предложеното законско решение за недела неработен ден и да остави можност градежните компании да ги организираат работните процеси согласно нивите потреби,  вели Андреа Серафимовски, Здружение на градежништво при СКМ.

Последна со предупредување за евентуалните штети од оваа мерка излезе Делегацијата на германско стопанство во земјава. Нивната анкета покажала дека речиси половина од германските компании кои што вкупно вработуваат 20 илјади лица би биле принудени да делат откази ако нивните погони не работат во недела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.