На денешната владина седница била донесена одлука да се одзeде концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица. Во информацијата која ја доставило Министерството за економија пишува дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согалсно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација. Поради ова „се одбива барањето за издавање на концесија за експлоатација на минерална суровина бакар и злато на локалитетот „Иловица“.

Министерството за економија на денешната седница на Владата на Република Македонија информираше дека се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово на ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје. Во информацијата којашто денеска пред Владата ја презентираше Министерството за економија, утврдено е дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација. По истекот на задолжителниот рок за жалба од 15 дена, Владата на Република Македонија ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на Договорот за концесија со ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје – велат од Владата.

Oд невладината организација „Здрава котлина“ ја поздравија одлуката на Владата како вистинска согласно законите на државата, но сепак ќе почекаат 15 денови за и конечно да се одземе првата концесија за рудникот Иловица-Штука.

„Ова е огромна победа на граѓаните, локалните жители, активистите и претставува светол пример каде граѓаните во нерамноправна битка се избориле за своите права наспроти големи корпоративни интереси со огромни ресурси и логистика. Посебно им благодариме на локалните жители на Иловица и Штука, на сите граѓани во Струмичко, Југоистокот и цела држава, на активистите и еколошките организации од другите градови, на новинарите и на сите оние што не поддржуваа во оваа битка.

Постои и втора концесија која истекува во јануари 2020, за што ја охрабруваме Владата истото да го направи и со втората концесија. Ова е шанса за конечно да почнат да функционираат институциите во полза на граѓаните, а не само во полза на профитерските и безобзирни компании и поединци“ велат од Здрава котлина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.