Владата на Република Македонија на денешната 77-ма седница ги донесе измените и дополнувањата, односно ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2021 година, кои, заедно со дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2021 година, ќе бидат доставени на усвојување до Собранието.

Според презентацијата на Министерството за финансии, со овој ребаланс приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија.

И понатаму останува определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.

За да се реализираат целите во справувањето со КОВИД-19 пандемијата, со овие измени и дополнувања на Буџетот на Република Македонија за 2021 година на расходната страна на Буџетот се ограничуваат одредени планирани трошења кај  буџетските корисници кои суштински и директно не се поврзани со справувањето со здравствената пандемија, како и се сведуваат на минимум сите непродуктивни трошења од Буџетот.

Имајќи ги предвид остварувањата на приходите за периодот јануари-мај 2021 година, како и потребата за обезбедување на средства за спроведување на активностите предвидени со петтиот и шестиот сет на мерки, извршени се промени во однос на иницијалните проекции на приходната и расходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2021 година.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и тие се за околу 10 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Проекциите за приходите се базираат на: реализацијата на приходите во тековната година, очекувањата за економските остварувања во 2021 година, одредени измени во даночната сфера, поголем даночен опфат, фер и олеснети административни процеси.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6%, односно за околу 21 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5% од БДП.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година, односно со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи. Порастот од 26,9% на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.