Владата на денешната 45-та седница го усвои Петтиот пакет економски мерки, креиран за да обезбеди ревитализирање, стабилност и развој на економијата во услови на Ковид-19, соопштија од таму.

Пакетот 5 за стабилна и развојна економија е креиран врз основа на континуираното следење на состојбата и економските параметри, како и преку консултации со сите чинители во општеството во насока на продолжување на мерките од претходните четири сета мерки. Мерките што се опфатени имаат за цел рестартирање на економијата и враќање на стапките на економски раст во интервал од 4 до 5 отсто од пред настапување на кризата и за директна поддршка на стопанството и компаниите, а со тоа и поддршка на граѓаните за подобрување на животниот стандард и работните услови, се наведува во соопштението од владината седница.

Прес-службата на Владата информира дека заради остварување на наведените цели, вредноста на предлогот за Петтиот сет мерки е проценет на 9.773.100.000 денари или 158.912.195 евра.

Предлог мерките од Петтиот сет економски мерки се систематизирани во 4 главни столбови и тоа директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места на граѓаните кои работат во секторите кои се уште имаат последици од пандемијата, финансиска поддршка на ликвидноста на граѓаните и приватниот сектор со цел задржување и/или зголемување на бројот на работниците како и процесот на заздравување на компаниите, креирање на поповолно деловно опкружување (системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на други парафискални давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки) и поддршка за граѓаните, се додава во соопштението од владината седница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.