Помош за пензионери, помош за ученици… Ова се дел од оние кои ќе добијат помош од државата со последниот, четвртиот сет мерки. Според последната владина одлука ќе се поделат над 280.000 платежни картички за купување на домашни производи. А ќе ги добијат пензионерите со пониска пензија од 15.000 денари, самохраните мајки и над 83.000 пасивни баратели на работа.
Во ниту еден од четирите сета мерки не беа опфатени лицата со посебни потреби и родителите на деца со попреченост. Реагираат засегнатите, реагира јавноста. Како и зошто се носат овие мерки? Зошто помош на пензионерите кои редовно ја добиваат својата пензија, дури и пред време, а нема помош за оние родители кои поради корона вирусот имаат намалена плата?
-Немам ништо против пензионерите што добиваат помош. Но ме интересира зошто тие се економски засегнати од корона вирусот? Пензијата ја добиваат редовно, истата не е намалена, не им е ништо различно од периодот пред светот да се соочи со корона вирусот кој се одрази врз економијата. Конкретно родител сум на дете со попреченост. Од државата добиваме 5 000 денари, а трошоците за вежби за детето и сета потребна нега се пет пати повисоки. Поради ударот со вирусот мојата плата е драстично намалена. Од плата која е над просечната плата во земјава, сега сум пријавен на половина работно време со месечни примања од 7.500 денари. И во ниту еден од четирите сета мерки не сум опфатен. Луѓе кои не плаќаат даноци, работат непријавени добија платежни картички, добија ваучери за одмор. Студенти, средношколци добија помош, а луѓето со посебни потреби и родителите на деца со попреченост не добија ни денар од државата -вели револтирано Ненад Б., татко на дете со попреченост.
Родителите на децата со попреченост се револтирани што државата ги споменува само кога ќе дојде Меѓународен ден на лица со попреченост, или ден на лица со некоја ретка болест…. Велат тогаш сите се фотографираат со лицата, ветуваа сè и сешто. Кога ќе помине денот сè се заборава, се до следната година.
-Државата заборави на децата со пречки во развој. Здравје, кога ќе дојде светски ден на лица со попреченост ќе им текне на министрите дека и тие постојат и живеат во оваа држава. Па ќе направат некоја фотографија гушкајќи ги овие деца, ќе зборуваат за инклузија, ќе собираат политички поени на маката на родителите… А сега никаде ги нема. Со 7.500 денари месечни примања и тие 5.000 денари помош која ја добиваме секој месец треба да платам физикална терапија за детето, логопед и дефектолог. Да не зборувам за останатите месечни трошоци – сметки, храна, нега – коментира нашиот соговорник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.