Владата денеска ги објави протоколите за начинот на работа на трговските центри од затворен тип кои од денеска може да работат.
Како што најавија од денеска работи „Веро џамбо“, во петок се отвора „Скопје сити мол“ во Карпош и „Капитол“ во Аеродром.
Работното време ќе биде од 10 до 18 часот, а внатре ќе треба строго да се регулира бројот на луѓе.
Во ходниците, на пример, ќе биде забрането групирање, а редари ќе мора да регулираат бројот на купувачи да биде по едно лице на 5 квадратни метри. Внатре во продавниците, пак, бројот на купувачи треба да биде така што би имало по едно лице на 8-10 квадратни метри.
Пробувањето на облека ќе биде забрането и во протоколот е наведено да се даде можност гардеробата да се пробува дома, како и можност за замена.
Информативни пунктови за мерките за заштита треба да има на видни места во трговските центри, а дополнително на секои триесет минути на разглас да се потсетуваат купувачите дека треба да ги почитуваат мерките.
Протоколот кој го објави владата го пренесуваме во целост.
ПРОТОКОЛ ЗА ОТВОРАЊЕ И РАБОТА НА МОЛОВИ
1. Ограничено/скратено работното време (10:00-18:00) /затворени во недела
2. Регулирање на влезот на лица во затворениот продажен центар од страна на овластено лице, така што да не се дозволи групирање на луѓе во ходниците, така што ќе се дозволи по едно лице на 5m2.
3. Ограничување за лицата над 65 години, со можност за пазарување до 12 часот
4. Задолжително носење на заштитни маски и ракавици на вработените
5. Задолжително носење на заштитни маски на купувачите
6. Одржување на физичко растојание меѓу купувачите и меѓу купувачите и продавачите од 1,5m – 2m
7. Поставени на јасно видливи места, едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки: носење заштитни маски, одржување на физичка дистанца, редовно дезинфицирање на рацете, правилна респираторна хигиена. Дополнително, преку разглас (на секои 30 минути) информирање на купувачите за почитување на овие превентивни мерки
8. Регулирање на бројот на купувачи согласно квадратурата на продавницата, на 8m² – 10m² продажен простор, по еден купувач
9. Задолжително одредено лице од фирмата пред влезот на продавницата да го организира редот и бројот на купувачи
10. Пред влезот на продавницата обезбедено средство за дезинфекција на рацете
11. Во продавниците за облека забрането пробување на облека – да се даде можност за пробување дома со можност за замена на купената облека
12. Доколку на касите за плаќање не може да се обезбеди растојание од 1,5-2m помеѓу продавачот (касиерот) и купувачот да се постави бариера од плексиглас. Доколку има повеќе каси за наплата да се обезбеди растојание од 1,5-2m помеѓу касите во редот.
13. Пред касите да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5-2m меѓу купувачите
14. Засилени санитарно-хигиенски мерки, односно зачестено чистење 4-5 пати во текот на денот со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот или 70% алкохол за дезинфекција за горните површини. Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.
15. Редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.