Вкупно 7.500 работници останале без работни места во вториот и третиот квартал изминатата година во споредба со истиот период во 2019 година. Најголем дел од изгубените места се помеѓу ниско платените работници без формален писмен договор за вработување што покажува дека работниците кои и пред пандемијата биле несигурни односно ранливи се силно погодени. Ова беше истакнато на денешната панел дискусија „Ранливите работници по корона-тобоган“.
Деспина Туманова од Фајнанс Тинк изјави дека воедно во четвртиот квартал од 2020 и првиот квартал од оваа година е забележана блага стабилизација и намалување на невработеноста на пазарот на труд.

Сепак мора да бидеме внимателни прво од аспект на тоа што веќе ефектот од владините мерки пополека се исцрпува и второ што лицата кои во екот на пандемијата се обесхрабрија да бараат работа се уште не се повторно активирани на пазарот на труд. Нашето истражување покажа дека во текот на пандемијата забележани се и две позитивни тенденции на пазарот на труд прво згаснаа речиси 47.000 ниско платени работни места, но тие не се изгубени туку го надминаа прагот за ниско платени кои што изнесува околу 13.000 денари пред се поради растот на минималната плата во изминатиот период, но и воведените владини субвенции на придонеси за зголемување на платите кои што беа воведени во 2019 година. Втората позитивна тенденција и можеби позначајна е што во текот на пандемијата згаснаа повеќе од 14.000 неформални работни места кои што не се изгубени туку формализирани со цел искористување на владините мерки за заштита на работните места, поточно мерката за субвенционирање на платата, формализацијата на работните места се вршеше најчесто преку договори на определено работно време па затоа Владата треба да воведе механизнми за нивно задржување и евентуално претворање во договори на неопределено работно време – изјави Туманова.

Претседателот ССМ, Дарко Димовски потврди дека најголем губиток на работни места се оние со договори на определено време.

Ние како Сојуз на синдикати на Македонија во новиот закон за работни односи преговараме и се бориме договорите на определено време да траат најмногу една година баш поради овие причини и ќе застанеме на тој став и тие договори да може да се продолжуваат во годината максимум двапати бидејќи не може во едно претпријатие само директорот и менаџерот да бидат пријавени на неопределено време, а сите останати работници да бидат со договори на определено време. Така работникот не може да си ја планира иднината, нема здравствено осигурување, и затоа тој бара решение во Европа односно во ЕУ затоа и добар дел на квалификувани добри работници ја напуштаат нашата држава – потенцира Димовски.

Соопшти дека најмногу откази има во угостителството, текстилот, како и во градежништвото.

Сега гледаме дека дел од ковид мерките се ослободија, се бараат голем дел на работници поготово во угостителството, туризмот и градежништвото, но пак ќе кажам нашите работници кога останаа на улица за време на ковид пандемија не сакаа да се вратат кај тие газди бидејќи ги оставија без егзистенција во период кога најмногу им беа потребни, заклучи тој.

Според претседателот на Организацијата на работодавачи во Македонија Ангел Димитров, сивата економија е присутна насекаде во светот. Тој рече дека потребно е да се сведе на нормални граници, поточно дека не е доволно само да се покачат казните и да се крене свеста за плаќање даноци, туку и дека треба да се дефинираат причините зошто луѓето стануваат дел од неформалната економија.

Различно е ако некој работодавач го изигрува законот за работни односи и вработува луѓе на црно и тогаш навистина тој треба да сноси големи казни и да трпи неговиот бизнис затоа што е на еден начин нелојална конкуренција на оние што чесно вработуваат и плаќаат даноци и придонеси, но кога зборуваме за вработени во семејните домаќинства кај што се најчесто во земјоделието каде работат двајца или тројца, а само еден е регистриран како земјоделец да ги запрашаме тие луѓе зошто не се пријават и не се регистрират во задолжително пензиско и здравствено осигурување тие веднаш ќе ви кажат подобро е она што ќе го заработиме да го задржиме за во старост отколку да плаќаме пензиско и здравствено осигурување бидејќи не се задоволни од тие услууги значи во суштина треба тие самите да проценат дека е подобро да ги плаќаат придонесите отколку да ги штедат дома – изјави тој.

Димитров во своето излагање ги спомна микро и мали компании и истакна дека тие луѓе кои започнуваат бизнис најчесто немаат капацитети ниту кадровски, ниту финансиски за да ги задоволат сите барања на државата во однос на бирократските прoцедури.

Сосема е друг третманот на новите микро и мали компании кои никнуваат. Тие најчесто пропаѓаат првите три до пет години на нив им треба помош, да ги тргнеме сите бирократски процедури, затоа мислам дека борбата против сивата економија и неформалната вработеност не е така едноставна ние треба да направиме добра анализа, за да можеме да преземеме адекватни мерки согласно владината политика – заклучи претседателот на организацијата на работодавачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.