Компанијата за картички „Виза“ (Visa) соопшти дека ќе дозволи трансакции со криптовалутата „УСД Коин“ на нејзината платежна мрежа. Американската компанија веќе ја започна пилот програмата заедно со крипто-платформата „Crypto.com“, а планира да ја прошири соработката со повеќе партнери подоцна годинава. За овие трансакции, „Виза“ ќе го користи блокчејн системот на криптовалутата Етериум, пишува „Си-ен-би-си“.

УСД Коин е криптовалута чија вредност е директно врзана со американскиот долар.

И платформата за онлајн плаќања „Пејпал“ (PayPal) објави дека клиентите во САД отсега ќе можат да плаќаат со Биткоин, Етериум, Лајткоин и Биткоин кеш. Секое плаќање извршено со некоја од овие дигитални валути веднаш ќе се конвертира во американски долари со цел да се изврши трансакцијата. „Пејпал“ од ноември минатата година им овозможува на американските корисници да купуваат и продаваат криптовалути директно преку нивната корисничка сметка, но новост сега е што со криптовалути ќе можат да плаќаат за разни производи.

Потегот на „Виза“ и „Пејпал“ доаѓа после прифаќањето на дел од дигиталните валути од страна на големите финансиски фирми како банката “BNY Mellon“, „BlackRock“ и „Mastercard“.

Минатата недела и компанијата „Тесла“ на Илон Маск соопшти дека нивните електрични возила ќе можат да се купуваат со биткоин.

„Гледаме зголемена побарувачка од потрошувачите ширум светот за да можат да пристапуваат, да држат и да користат дигитални валути и гледаме побарувачка од нашите клиенти да можат да градат продукти кои овозможуваат таков пристап за потрошувачите“, изјавил Куј Шефилд, шеф на одделот за крипто во „Виза“.

Доколку некое лице избере да плати кафе во бар со „Виза“ картичка од „Crypto.com“, тогаш дигиталната валута што се чува во крипто-паричникот, исто како и во случајот на „Пејпал“, ќе треба да се претвори во традиционални валути, па да се изврши наплатата. Е-паричникот потоа ќе го депонира износот на банкарската сметка на потрошувачот, а на крајот од денот сите сметки ќе бидат подмирени од страна на системот на „Виза“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.