Виенскиот институт за меѓународни економски студии ги објави новите економски проекции за земјите од Источна Европа, пишува Дојче Веле.

Очекувањата се дека ќе има раст кај 20 земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа за 4,2% во 2021 година, што е нагорна ревизија од 0,4% во споредба со априлската прогноза. Причините за тоа се силниот раст во САД (1,6%) и Кина (18,3%) во првиот квартал, како и ревидираната прогноза за раст за 2021 година за еврозоната (4,4%) и за ЕУ (4,5%). Македонија е меѓу трите земји кај кои нема подобрување.

Причината е што владата не обезбедува доволна поддршка за економијата, слично како и лани ова време – вели Бранимир Јовановиќ, економист и главен автор на извештајот.

Според него, очекувањата во најновата анализа се подобри од порано.

Опоравувањето е започнато и се чини дека економиите научија како да живеат со пандемијата. За 20 од 23 земји кои ги прогнозираме сега очекуваме да имаат повисок раст од што очекувавме претходно – вели Јовановиќ, коментирајќи го најновиот извештај на Виенскиот институт.

Во делот за  Македонија, во анализата се посочува дека економијата едноставно не може да започне да се опоравува од пандемијата.

БДП во првиот квартал од 2021 година падна за 1,9% – што е четврти последователен квартал со пад. Исто така, падна во споредба со претходниот квартал – за 0,6%. Потрошувачката на домаќинствата беше ограничена од силниот бран на пандемија и порасна за само 0,4% во споредба со лани, и покрај напливот на дознаки (+ 18%) и релативно добриот пазар на трудот. Формирањето на бруто капитал се намали за 17% на годишно ниво, и покрај силниот прилив на странски директни инвестиции (12% од БДП). Владата не успеа да преземе чекор, а буџетскиот дефицит во првиот квартал заврши на 4% од БДП. Особено слаба беше реализацијата на капиталните расходи, што падна за 34% под планот, се вели во извештајот.

Во него се посочува дека проекцијата за раст за 2021 година остана непроменета на 4,1%, бидејќи Владата усвои нов буџет со кој се предвидува капитално трошење за 27% повисоко отколку што беше претходно најавено. Потрошувачката на домаќинствата и деловните инвестиции исто така се очекува да заживеат од вториот квартал натаму, поради стишувањето на пандемијата. Ризиците се во надолна линија, при што главните две се слабото извршување на владиниот буџет и веројатниот нов бран на Ковид-19 наесен. Повисоките цени на енергијата и храната ја зголемија инфлацијата, доведувајќи ја до 3% во мај .

Повеќе на линкот



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.