Гневот на граѓаните кои се уште ги чекаат парите од Викенд без ДДВ, кулминира. Изминува веќе четвртиот ден од крајниот рок во кој требаше да биде исплатен повратот на ДДВ од пазарењето во празничниот викенд на 10, 11 и 12 откомври, а на нивните сметки нема ниту денар. Минатата недела УЈП најави дека исплатата на овие средства ќе се изврши на 10 и 11 ноември, но еве денеска сме 15 ноември, а многу граѓани немаат ништо на нивните сметки. Некои граѓани кај кои пак има поврат, тврдат дека очекувале повеќе пари од повратот, со оглед на тоа дека на фискалните сметки пишувало дека имаат поголем промет со македонски производи, но добиле никакви, 5,10 или 15 денари на сметките.
Сите се прашуваат каде се парите кои им беа ветени, а никаде ги нема.
Секој ден ја проверувам сметката, со надеж дека конечно ќе ми бидат исплатени парите од Викендот без ДДВ, но ништо, ни денар. Не излажаа на големо. Надевајќи се дека ќе имам некој поврат, пазарев тој викенд и поголеми работи од македонско потекло, но еве излезе дека се работи за уште една лага на власта. Каде се парите кои требаше да ги добиеме – вели револтиран граѓанин.
Како што информираше Упрвата за јавни приходи во трите дена 204.088 граѓани купиле македонски производи или услуги и компјутерска опрема и биле скенирани три пати повеќе фискални сметки, а остварениот промет бил за 9,5 пати поголем во однос на истиот викенд лани. Во „Викендот ДДВ“ бил остварен промет од 558.176.715 денари со што граѓаните требаше да остварат враќање на ДДВ во износ од 66.853.929 денари.
Сепак владината мерка Викенд без ДДВ даде резултати, но само скромни и далеку од очекуваните и најавуваните од страна на власта. Таа очекуваше промет од 170 милиони евра, но сепак тоа не се случи. Во викендот без ДДВ беше остварен промет од само речиси 9 милиони евра. Тоа што мерката потфрли според премиерот Зоран Заев било поради сиромаштијата на граѓаните кои во криза се решиле да штедат.
Сиромаштија е, се штедат пари, секој сака да купи само тоа што му треба – рече Заев, по завршувањето на Викендот без ДДВ.
Мерката „Викенд без ДДВ“ е дел од четвртиот сет антикризни мерки кои се во вредност од 470 милиони евра, а целта да се придонесе за намалување на ефектите од ковид-кризата и да се поддржат граѓаните и стопанството. Се реализираше на 10,11 и 12 октомври 2020 година и предвидуваше поврат на целиот износ на платениот ДДВ за купени македонски производи и услуги, како и компјутерска опрема.
Инаку УЈП најави дека по завршување на исплатата на повратот на ДДВ од Викендот без ДДВ, ќе почне исплатата на тримесечниот регуларен поврат на ДДВ, што значи дека и оваа исплата најверојатно ќе доцни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.