Ковид пандемијата го зема својот данок на сите полиња. Многу луѓе починаа, а најголем дел од останатите се борат за гола егзистенција. Живеачката е се поскапа, цените вртоглаво растат, а со оглед на тоа дека голем број граѓани останаа без работа, едвај се преживува. Во ништо подобра ситуација не се ниту пензионерите, чии пензии се во мирување повеќе од 4 години, односно се зголемени за незначителни 100-тина денари. Е сега на тие кои се пребројуваат колку пари имаат во паричникот или на сметка, премиерот Зоран Заев им става сол на рана, тврдејќи дека економијата ни заздравувала! И тоа во исто време кога дома останаа над 6.000 текстилни работнички, угостителите отпуштаат вработени, додека пак оние кои редовно земаат минимална или пак и просечна плата, не можат да закрпат месец со месец.
Дека за една година цените на производите пораснале за дури 2,6%, пресмета и државната статистика, иако праксата говори дека поскапувањата кај некои производи се многу поголеми. А речиси сите производи се поскапени. Па така за споредба, ако маслото за јадење лани чинело околу 75 денари, сега е дури 100. Драстично поскапување има и кај овошјето и зеленчукот. Пиперките од околу 100 денари лани, годинава пораснале на дури 200 за килограм. Доматите од 70, скокнаа на 100 до 150 денари за килограм. Краставиците од 60, на 100 денари. Од овошјето лимонот е за 20 денари повеќе за разлика од лани, но поскапи се и портокалот и јаболките. Поскапување има и кај кондиторските производи.
Освен прехрамбените производи, има скок и на нафтените деривати. На пример дизел горивото од почетокот на годинава чинело 53 денари, а сега се точи за 58 денари. Бензинот 95, на почетокот на годинава чинел 60,5 денари литар, а сега се продава за 67,5 денари за литар.
Зголемувањето на сите овие цени ги зголемија животните трошоци за околу 1. 000 денари месечно. Па ако лани, според синдикалната кошница на семејството му биле потребни 32.791 денар, годинава му требаат 33.742 денари. Според синдикатот, во просек околу 50 евра му фалат на секое семејство да ги подмири основните трошоци, кои секојдневно се качуваат, сметајќи дека се зема просечна плата од околу 28.000 денари.
И додека сите показателите укажуваат дека се живее се потешко, владините претставници даваат изјави дека економските состојби одат на подобро.
Има позитивни сигнали дека економијата заздравува, што е потврдено со позитивните тековни економски движења преку високиот раст на извозот, растот на трговијата, растот на кредитирањето и растот на просечната плата. Полнењето на државната каса оди според планираното – изјави вчера Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.