Веќе од денеска 117.000 граѓани добиваат ваучери за туризам, кои ќе можат да ги искористат заклучно 15 декември годинава. Доделувањето на платежните картички, пак, кои ќе ги добијат околу 324.500 граѓани, започна во текот на вчерашниот ден преку банките. Изработени се околу 50.000 картички досега од страна на банките, а до 18 јули ќе се доделат сите картички кои ќе можат да се користат до 15 август. Секој вложен денар во домашните производи, во услужниот сектор – е вложен денар во зачувувањето на овие компании, а со тоа и на бројни работни места кои тие ги креираат, посочи денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.
Овие мерки се дел од третиот пакет на антикризни мерки, насочени кон ревитализирање на економијата. Тие се со јасни цели и се насочени да дадат повеќекратни ефекти и за граѓаните и за стопанството. Тие ефекти се финансиска поддршка на граѓаните, на економијата, формирање свест за купување на македонски производи, за ориентација кон безготовинско општество, за воведување на субјекти од неформалната во формалната економија, како и намалување на бирократијата (де-бирократизација на процесите која ни ја овозможуваат технологиите). Морам да истакнам дека покрај финасиската поддршка, овие мерки имаа за цел да придонесат на многу други нивоа. Едно од нив е поддршката за креирање на безготовинско општество, а со тоа и намалување на неформалната економија, која долги години е горлив проблем на македонската економија, рече Ангеловска на денешната прес-конференција во Владата заедно со министерот за економија Крешник Бектеши.
Станува збор, потенцира, за две навистина обемни мерки како од аспект на опфат на граѓани односно 325.000 лица, но истовремено и финансиски обемни. Ваучерите се во вредност над 10 милиони евра, додека домашните платежни картички во вредност од 28 милиони евра.
Значи околу 40 милиони евра за навистина кус период ќе се влеат во домашното стопанство и ќе се насочат кон македонскиот туризам и домашните производи. Овие средства се поддршка за нашите граѓани, но се и важна финансиска инјекција за нашата економија, за домашните фирми, особено кога стопанството треба да почне да се враќа на нозе. Преку платежните картички и ваучерите граѓаните и вработените со ниски приходи ќе добијат по 9.000 денари по лице, односно граѓаните со ниски приходи ќе добијат 9.000 денари преку домашните платежни картички, а вработените со низок доход ќе добијат 3.000 денари преку домашната платежна картичка и 6.000 денари преку ваучерите за туризам, посочи Ангеловска.
„Купувам домашно“ и „Дома си е дома“, додаде, не се само кампањи за презентирање на овие мерки, туку и кампањи за да се придонесе кон развој на свеста дека кога ќе дојдете на рафтовите во продавниците, предимство треба да се даде на домашните производи, а кога размислувате за локација за одмор, да размислите за сите убави места кои може да ги понуди нашата земја.
Ова не важи само за корисниците на ваучерите и картичките туку на сите граѓани во земјава. За таа цел, за да ги поттикнеме граѓаните да бираат домашни производи пред странски, направивме и промени во однос на повратот на ДДВ преку МојДДВ. Имено ако досега повратот на ДДВ изнесуваше 15 отсто од платениот данок на додадена вредност, сега за домашни производи оваа сума се покачува на 20 отсто од платениот ДДВ. Од друга страна за странските производи повратот се намалува на 10 отсто од платената сума на ДДВ. Ова е во насока да ги стимулираме сите граѓани да придонесат во поттикнувањето на домашното производство и услужниот сектор, рече Ангеловска.
Кога купувате домашен производ или услуга, нагласи, придонесувате да се зачува работното место на вработените во производствените погони, на угостителите, занаетчиите… блиски, познаници, луѓе кои не ги знаете, но на кои во овој момент потребна им е поддршката да ги надминат последиците од Covid-19 кризата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.