Претседателите на синдикатите на машинскиот и извршен персонал во Железници на РСМ Транспорт, Тони Димовски и Душко Чакаровски за денеска од 7 часот најавија прекин на железничкиот сообраќај, поради неисплатен втор дел од платата за октомври.

Како што изјави Чакаровски вчера за МИА, со овој чекор всушност се реализира нивната најава за прекин на работата доколку до 25-ти во месецот не им биде исплатен вториот дел од платата за претходниот месец.

Машинскиот и извршниот персонал во Железницата го прекинаа железничкиот и товарниот сообраќај и на 1 ноември, поради неисплатен втор дел од септемвриската плата. По исплатата наредниот ден ја прекинаа блокадата, но до раководството на железничкото претпријатие доставија одлука дека доколку до 25-ти во месецот не им биде исплатена целосно платата за претходниот месец, повторно ќе ја бојкотираат работата од 7 часот наредниот ден.

Во одлуката е наведено и надоместокот за материјални трошоци да се исплаќа најдоцна до 10-ти во месецот, како и дека во спротивно, нема да работат веќе од наредниот ден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.