Цената на парното од утре ќе се зголеми за 14 проценти. Оваа одлука ја донесе РКЕ откако БЕГ претходно побара зголемување на цената од 300 отсто.
Зголемувањето на цената ќе важи од 1-ви јануари 2022.
Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски со оваа одлука се враќаме на ниво на цена од 2018 година.
Вчера РКЕ донесе одлука струјата од први јануари да биде поскапа за 9,48 отсто и ја укина дневната евтина тарифа.
Со денешната одлука цената на парното практично се враќа на ниво од јули 2018 година. РКЕ во последните 9 години носеше одлуки со кои сметките за парно континуирано се намалуваат, освен една година кога останаа на исто ниво. Природниот гас е енергенс кој државата го увезува и неговите високи цени влијаат во цела Европа. Ги уверувам граѓаните дека во моментот штом се стабилизира цената на природниот гас одлуката ќе биде ревидирана, изјави Марко Бислимоски и ги повика Градот Скопје и Владата да помогнат за покривање на дел од трошоците за топлинска енергија, за да не падне сè на товар на граѓаните.
Со одлуката во јули 2021 година цената на парното се намали во просек за 4.35 проценти. По ескалирање на енергетската криза во Европа со огромниот пораст на цените на природниот гас и електричната енергија, компанијата БЕГ, која стопанисува со најголем дел од топланите во градот, побара цената за топлинска енергија да се зголеми за дури 300 отсто.
Во Скопје околу 60.000 потрошувачи се приклучени на централните системи за греење на трите компании.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.