На работниците од прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит Денеска се уплатени милион и 700.000 евра на име заостанати неисплатени придонеси. Ова доаѓа по две години откако во Парламентот во 2019 година беше донесен законот со кој државата ги подмирува заостанатите неплатени придонеси.

Информацијата ја потврдува директорот на прилепската фабрика „Еурокомпозит“ Милан Тоцев.

– Денеска се уплатени 1 700 000 евра за заостанатите придонеси за преку 400 работници од „Еурокомпозит“ за периодот од јуни 2012 до септември 2019 година. Тоа е долгоочекувана добра вест за работниците даси го доплатат стажот, вели Тоцев.

Според Пеце Велјаноски еден од 150-тината прогласени технолошки вишок, ова е прва добра вест дека се ефектуираше Законот од 2019 година.

– Сега може да им се пополни стажот на работниците и да остварат колку-толку пристојна пензија, вели Велјаноски.

Тоцев најавува дека има заинтересиран странски инвеститор кој сака да се рестартира „Еурокомпозит“, но сѐ уште е рано да се зборува за тоа.

Наменската фабрика „Еурокомпозит“ не работи од 2020 година иако како вработени фигурираат 30-тина работници. Фабриката ја обезбедува полицијата, но во меѓувреме се случија неколку кражби со кои се запустува имотот на „Еурокомпозит“.ем/лв/

2021-12-31 13:40:42, од Елизабета Митреска, Прилеп



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.