Во очекување на нов сет мерки за поддршка на стопанството, а со оглед дека сѐ уште не добиле покана за учество во изготвувањето на мерките, Независната угостителска комора (НУК) своите барања за поддршка на угостителската индустрија ги достави до Владата преку електронска пошта.

Државата и Владата мора да ја превземат целосната обврска и одговорност за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата и безрезервно да креираат посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош, смета НУК и оценува дека „ќе биде невкусно ако Владата не дозволи активно учествуво на НУК” во креирањето на новите мерки.

Доколку се направат правилни економски мерки за помош и поддршка, реална политика во репрограмирање на долговите со достапност до долгорочни кредити и друга поддршка на работењето за сите угостителски објекти, сигурни сме дека угостители во наредниот период, години, во целост не само што ќе ги надокнадат загубите и штетите, туку ќе остварат доволно приходи со кои ќе можат да ги подмират сите обврски и трошоци настанати од тековното работење и навреме да ги сервисираат превземени обврки по основ на репрограмирање на долгови, смета НУК.

Оваа комора ги наведе своите очекувања:
1. Континуитет во помошта – безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки, односно протоколите за работа на угостителски објекти или до официјално завршување на пандемијата

2. Директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители по принципот на доделена ваква помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани

3. Безусловна достапност на угостителската дејност до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основа на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс периоди за надминување на проблемите со ликвидноста

4. Изедначување на ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10% на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти

5. Одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со греј период или наплата по завршување на пандемијата Ковид-19

Исто така, оваа Комора смета дека се потребни и дополнителни мерки како – финансиска помош и поддршка за закуп и користење на деловен простор, законска регулатива во однос на трошоците за урбана опрема во време на пандемија, одложување на принудната наплата на долговите создадени во периодот на пандемијата и креирање на единствен регистар на угостителски објекти.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.