Туристичките водичи бараат поддршка од државата за да ги надминат финансиските загуби кои ги трпат поради пандемијата со КОВИД-19. Тие денеска информираа дека не се вклучени во ниту еден од пакетите што ги дава државата за надминување на последиците од кризата предизвикана од пандемијата.
Во моментот како резултат на пандемијата, туристичките водичи трпат големи финансиски загуби заради откажаните аранжмани и немаат никаква поддршка, а уредно ги плаќаат сите давачки кон државата. И покрај сите уредно доставени писмени барања до Владата и до Министерството за економија, досега немаме никаков одговор. Ова е професија од посебен интерес за државата и бараме од Владата и Министерството за економија да не ги игнорираат нашите барања бидејќи сме во незавидна, тешка положба. Бараме изнаоѓање на неодложни начини за финансиска поддршка на нашата професија, истакна на прес-конференција претседателот на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници Димитар Кавраков.
Очекувањата на асоцијацијата се дека кон крајот на годината евентуално би можела да се подобри ситуацијата во овој сектор со доаѓањето на странските туристи.
Сите мерки на владата што се преземаат по повод пандеијата многу често и нас не изненадуваат и не е баш розева иднината. Од контактите со нашите соработници ни влева малку надеж дека кон крајот на годинава евентуално ќе спласне целата ситуација и дека странците, од кои најмногу живееме, ќе почнат да ја посетуваат нашата земја, рече Кавраков.
Според претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори Владимир Граматиков, состојбата во туризмот е загрижувачка и овој сектор го чека тежок период.
Она што туристичкиот сектор очекува да биде направено во следниот период е активна меѓународна промоција на земјата како безбедна туристичка дестинација, адаптирање на моделот на субвенционирање кон новонастанатите потреби на пазарот и поддршка на авиосообраќајот како главен двигател на туризмот.
Светот постепено се враќа кон туризмот. Шпанија и Италија кои беа најпогодени, веќе ги отвораат границите и ги примаат првите туристи, но и на светско ниво гледаме дека сите големи светски дестинации масивно работат на промоција на своите држави како безбедни туристички дестанции. Конкуренцијата на светскиот пазар е огромна. Светски познатите дестинации вложуваат огромни напори и големи суми на субвенции за да ги привлечат туристите. Свесни сме дека оваа година многу помалку ќе се патува поради економската ослабеност и поради стравот од КОВИД и на нас останува дали нешто ќе преземеме и ќе фатиме чекор со останатите земји, нагласи Граматиков.
Инаку, денеска Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници потпиша меморандум за соработка со кој пристапи кон Сојузот на стопански комори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.