Не сакаме да предизвикаме паника, туку бараме реално решение за туристичките агенции, бидејќи овој сектор е веќе во колапс, велат од Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ). Тие бараат сите патници кои уплатиле патување и не е реализирано поради моменталната пандемија од вирусот COVID-19, да добијат ваучер кој ќе биде во времетрање од една година, а од Владата да го субвенционираат авионскиот превоз доколку бил вклучен во аранжманот.
Како Комора сметаме дека најдоброто решение за сите нас е туристичките агенции да издадат ваучер на сите корисници на услуги со кои имаме договор и да го искористат во текот на 12 месеци. Она што нам ќе ни биде од особено значење е Владата во кризните мерки да ги вклучи и субвенционираните авионски билети кои биле предвидени во аранжманите – потенцираат од СКТМ.
Поддршка за ваквото решение тие го очекуваат од Владата, поточно од Министерството за економија и Министерството за финансии со кои усно е разговарано, но исто така е потребно разбирање и од корисниците.
Доколку не наидеме на разбирање од сите страни дефинитивно сме приморани да ставиме клуч на врата. Препорачуваме до завршување на периодот на вонредната состојба и одлуките на Владата во услови на криза, корисниците на услуги да се воздржат од откажување на договорите за патување и услуги кои треба да се реализираат во наредниот период, како и барања за исплата на побарувањата по основ на откажување. Веруваме во разбирањето на клиентите и мерките кои во интерес на сите нас ги донесе Владата – додаваат од СКТМ.
Во Стопанската комора за туризам на Македонија членуваат правни субјекти од секторите туристички агенции и туроператори, хотелско-угосителски објекти, патнички превоз, туристички водичи и придружници, како и сектор на образовни институции и асоцијации од туризмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.