Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска ги повика СДСМ и власта јавно да кажат дека не сакаат да ги пренаменат непродуктивните трошења во висина од 158 милиони денари за исплата на субвенции од предходни години.
Трипуновски во изјава пред зградата на Владата, истакна дека, наместо грижа за земјоделците, се дава приоритет на донесување правилници за извоз на необработени дијаманти.
Додека Спасовски и Димковски во оваа зграда зад мене планираат да испијат три тона кафе и да изедат 700 килограми бадеми, земјоделците мака мачат како да го продадат произведеното и да ги прехранат семејствата. Уште пред 10 дена предложив измена на Програмата за рурален развој и Програмата за финансиска поддршка во земјоделство каде предлагам непродуктивни средства во висина од 158 милиони денари да се пренаменат за исплата на субвенции од предходни години, со што земјоделците ќе земат некој денар за да го поминат периодов, но и да се спремат за сезоната која веќе е во тек. Десет дена поминаа, а материјалот што го предложив никако да стигне на дневен ред. Владата дава приоритет на донесување правилници за извоз на необработени дијаманти, рече дополнителниот заменик-министер.
Според него, очигледно е дека СДСМ не се откажува ниту од шетање, ниту од луксузирање.
Затоа од тука јавно ги повикувам да кажат дека не им е грижа за земјоделците и затоа не сакаат да ги пренаменат овие средства, додаде Трипуновски кој оваа изјава ја напиша и на својот официјален фејсбук профил
На ова реагираше МЗШВ од каде велат дека ако Трипуновски сака вистински да помогне, да даде предлог, а не во ваква состојба да собира политички поени
Ако вистински сака да им помогне на земјоделците, Трипуновски, наместо да ја користи вонредната состојба за прибирање политички поени и сликање, може да се вклучи во работата на Министерството за земјоделство и да достави конкретни предлози. Но, досега тој тоа не го сторил. Од Трипуновски до министерот Трајан Димковски не е доставен ниту еден предлог. Срамно и крајно неодговорно е да ја користи позицијата на дополнителен заменик-министер и вонредната состојба за партиски интереси и манипулации со земјоделците.
Ова е реакцијата што ја испрати Министерството за земјоделство по денешната изјава на Трипуновски пред Владата, во која тој обвини дека се прават непродуктивни трошоци, наместо средствата да се пренаменат за помош на земјоделците.
Според МЗШВ, Трипуновски, кој долго време работење во државни институции во секторот земјоделство, треба да знае како се прават измени на програми, како се носат мерки и како се вршат пренамени на финансиски средства.
Со оглед на настанатата состојба, МЗШВ, како што наведува, планира соодветни измени и пренамени на средства од национланите програми за да им се помогне на земјоделците, а застој во исплатата на субвенциите нема. Само од почетокот на годинава досега се исплатени околу 85 милиони евра, а за неполни три години, 427 милиони евра.
Промоцијата на македонските земјоделски производи на меѓународните саеми е важна за зголемување на извозот на нашите производи и е финансиски поддржна преку Програмата за рурален развој. Од почетокот на годината финансиски се подржани само два меѓународни саеми во Германија и во Русија, кои се одржаа во февруари. Со прогласувањето на глобалната пандемија и вонредната состојба во нашата држава, се откажаа сите меѓународни саеми, и во овој период, МЗШВ нема поддржано ниту една саемска и локална манифестиција. Дел од предвидената сума за поддршка на саеми и локални манифестација веќе е пренамената за во ставката за капитални инвестиции и во преземени и заостанати обрвски од минатите години, стои во реакцијата на Министерството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.