Оштетените штедачи на Еуростандард банка го обвинуваат главниот сопственик на банката Трифун Костовски дека е главен носител на криминалот што се спроведувал во банката.
Според извештајот на стечајниот управник Душко Тодевски, штедалите во три точки ги сумираат констатациите дека во банката се проведувал криминал:
1) Банката преземала голем кредитен ризик кај клиентите кај кои одобрила изложеност покриена единствено со меница или пак вредноста на обезбедувањето била пониска од изложеноста на клиентот. Воедно, банката одобрувала изложености иако истите не ги исполнувале критериумите за одобрување дефинирани во Кредитната политика.
2) Се делеле многу ненаплатливи и тешко наплатливи кредити, а пред се поради лошо управување со кредитното портфолио поради непостоење или целосно занемарување на системите за управување со кредитниот ризик, некомпетентност на одговорните лица односно извлекување на пари од банката преку доделување и одобрување на кредити без соодветни гаранции.
3) Констатирана е пракса на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски во банката и непрепознавање на ризикот кај поврзани лица.
Заклучокот во извештајот е дека банката станала несолвентна од причини што речиси 60% од вкупното кредитно портфолио кај правните и физички лица или неполни 60 милиони евра биле целосно или делумно ненаплатливи. Главниот сопственик Трифун Костовски не е толку наивен како што често се претставува, да незнае како го организирале и спровеле грабежот во банката со години како и да не знае каде се завршиле парите. При кражба на толку многу пари не е можно да првиот човек на надзорниот одбор на банката не знаел ниту видел а да одобрувал ненаплатливи кредити. Се разбира, дообјаснување може да побара од тимот кој учествувал во криминалот заедно со него односно неговиот син и раководител на кредитниот одбор Коста Костовски и директорот на банката Николче Петкоски. И тие можат да му раскажат за масовниот и свесно направен криминал, грабежот на нашите доверени лични пари во банката. Трифун Костовски не е жртва на криминалот, тој е неговиот главен носител. Тоа и впрочем самостојно и јавно го потврди во повеќе наврати, дека е виновен и одговорен за сторениот криминал и притоа посочувајќи повеќе примери како го правеле криминалот во банката, обвинуваат оштетените штедачи.
Повикувајќи ги институциите да постапат, штедачите нагласуваат дека во документите кои им се достапни на институциите се гледа кој се одобрувал ненаплатливи кредити, кој ги делел истите, со кого се ги делел, кој го дозволил криминалот, кој перел пари, фалсификувал документи или вршел разни други видови на измами, злоупотреби и проневери.
Дали Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, финансиската полиција и нашиот судски систем ќе дозволат да овој масовен грабеж на обичните граѓани и фирми помине неказниво и остане во заборав на времето додека криминалците продолжат да уживаат со нашите покрадени пари!? Ќе покажете ли дека има правда во државава или ќе оставите да делата застарат, криминалците да бидат на слобода а сите ние 3.000 семејства останеме покрадени, измамени и оштетени од системот којшто не само што не не заштитил на време туку и дозволил криминалците да не уништат во сред пандемија!? Време е веќе да делувате веднаш!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.