Македонските власти во наредните две недели очекуваат одговор од Косово за постигнување на петгодишен договор со кој земјава ќе увезе и до три милиони тони јаглен за потребите на нашето стопанство, на кратко објасни министерот за економија Крешник Бектеши во изјава за Телма.
Бектеши денеска ги заврши своите состаноци во Косово. Тој не откри која ќе биде цената за увезување, но ја уверува јавноста дека таа ќе биде пониска од досегашните набавки од други земји и дека со неа веројатно ќе може да се задоволи побарувачката за струја и за домаќинствата, но и за бизнисите или со други зборови, со количината е планирано во полна снага да работат и РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
Бектеши на состанокот бил заедно со заменик-директорот на ЕСМ, Имер Зенку, а од косовска страна присуствувал и директорот на Косовската енергетска корпорација (КЕК), Нагип Красниќи.
Министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли, се вели во соопштението од кабинетот на Бектеши, рекла дека треба активно да се работи во иднина и изразила согласност дека од овој договор ќе имаат придобивки граѓаните на двете земји.
– Сакам да ви се заблагодарам за сета соработка што ја имавме досега и за сета поддршка што му ја дававте на нашиот енергетски сектор не само сега туку и во минатото. Секако, соработката воопшто и визијата и стратегијата што ја имаме пред нас, предвидува поблиска регионална соработка со Албанија и Македонија, но надвор од тоа не можеме поради фактот што сме во време кога сите се соочуваме со енергетска криза. Секако дека ја поздравувам оваа средба за да видиме што можеме да направиме освен долгорочна соработка и стратегија, што можеме да направиме за да си помогнеме меѓусебно. Уверена сум дека придобивките ќе бидат двострани, очекувам да бидеме коректни во преговорите и да вложиме напори да помогнеме во искористувањето на ситуацијата, важно е заедно да соработуваме за да што е можно полесно ги надминеме ефектите од оваа криза – изјавила Ризваноли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.