Нередовната исплата на субвенциите ги извади земјоделците на улица. Со трактори и комбајни тие денеска ќе го изразат незадоволството од владините политики пред Владата. Протестот ќе започне во 12 часот пред Мавровка, од каде што земјоделците ќе се упатат пред Владата.
Мораме да се поддржуваме меѓусебно, за да ставиме крај на нашата долгогодишна голгота. Затоа упатуваме барања кои сакаме да бидат усвоени од оваа или идната Влада, без разлика која ќе биде таа, порача претседателот на новоформираното регионално Здржение на лозароовоштари Златко Стојчев.
Шесте земјоделски здруженија се мобилизирани и преку протест пред Владата сакаат јавно да изразат револт поради недоследности во субвенционирањето, лошите политики на владата, но и на откупувачите за кои сметаат дека заработувале на нивниот грб:
Ние не гледаме политика туку само си бараме пари за субвенции уште од летото кога можеме да ги искористиме за да инвестираме во шталите и во репроматеријали. Чекаме со месеци и сакаме да работиме. Да бидеме исплатени, редовно како што се исплаќаат и другите земјоделци, без разлика кој да биде на власт, изјави Борче Бучински, еден од организаторите на протестот.
Во прсрет на денешниот протест на земјоделците Владата исплати субвенции. За само два дена исплатени се речиси 3,2 милиони евра. Пари добија оризопроизводителите, а денеска млекарите. Надлежните велат дека исплатата се врши сега бидејќи ги чекале парите од ребалансот, а не за да ги замолчат земјоделците. Министерот за земјоделство смета дека најавениот протест има политичка позадина, зашто земјоделците знаеле кога ќе ги добијат парите.
Мислам дека кога сме во една таква фер комуникација не гледам причина и повод за да се излезе, но тоа е нивно право, така решиле. Не е ова дека сега нешто брзаме со исплатата за да се смирува. Секако дека ова остава малку и мирис на политичка запршка, во која што се става некој зачин само за да се долее на сето ова. Веќе знаете дека изборите се најавени за 12 Април, а ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе и со јавна поддршка на протестот, но они може да излезат со јавна поддршка. Но, она што можевме да го чуеме и од аудио-снимките дека токму се и организатори на ваквите протести, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од најголемата опозициска партија, пак, обвинуваат дека власта води погрешни политики во земјоделството и токму затоа ќе ги поддржат земјоделците.
ВМРО-ДПМНЕ стои позади интересите на земјоделците и позади политиките за подобра иднина на земјоделците, а СДСМ и министерот нека обвинуваат, но тие стојат позади погрешните политики со кои што ги доведоа земјоделците на питачки стап. Или, да бидам попрецизен, ние да, стоиме позади интересите на земјоделците, сме стоеле и ќе продолжиме да стоиме, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
И млекарите негираат дека протестот има политичка позадина. Велат дека подолг период си ги бараат парите што им следуваат, а ќе протестираат бидејќи нивните субвенции доцнат со месеци, а на некои земјоделци им се исплаќаат редовно.
Точно е дека се пуштени пари кај некои млекари, но тоа е само за 5 месеци и не се пуштени пари кај сите. Како може да пуштаат пари на ден пред протестот а цела година наназад ги нема никаде?! Ни должат вкупно за 22 месеци, изјави Борче Бучински, организатор на протест на земјоделци од Могила.
Тие повикаа на присуство на протестот на земјоделците и информираа дека има обезбедено и превоз до Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.