Мерката на Народната банка за привремено ограничување на распределбта и исплатата на дивидендата на акционерите на банките и штедилниците од членките, според Македонската банкарска асоцијација, е превентивна и во функција на натамошно јакнење на потенцијалот на банките и штедилниците за справување со последиците од ковид-кризата, во услови на се уште изразена неизвесност и потенцијални ризици.
– Едногласно беше констатирано дека како резултат на здравите фундаменти на банкарскиот систем, политиките и мерките преземени од страна на Народната банка, како и прудентното управување и работење од страна на банките и штедилниците, банкарскиот сектор во досегашниот период успешно одговори на сите предизвици од ковид-кризата и обезбеди континуитет на сигурно и стабилно работење, како и испорака на значајна кредитна поддршка спрема реалниот сектор и населението. Довербата на граѓаните и компаниите во банките и штедилниците останува на високо ниво, што се гледа и од растот на вкупните депозити, кои во јануари 2021, споредено со истиот месец минатата година, се зголемени за 6,3 отсто, наведуваат од МБА по одржаната седница на Собранието на Македонската Банкарска Асоцијација (МБА), на која беше разгледана Одлуката на Советот на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците.
На состанокот одржан вчера договорено е во наредниот период дополнително да се интензивира споделувањето податоци и информации од банките и штедилниците со Народната банка.
Со тоа, истакнуваат, ќе се олесни навременото оценување на потенцијалните ефекти од ковид-кризата што ќе овозможи и оцена дали има можност за предвремено укинување на временото ограничување за распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците, притоа водејќи се од целта за постојано одржување на финансиската стабилност, што е во интерес на сите субјекти во економијата, вклучително и акционерите во банките и штедилниците.
Во соопштението се дорава дека на седницата уште еднаш се реафирмираше традиционално добрата комуникација и соработка помеѓу МБА и Народната банка, имајќи ја предвид заедничката цел за стабилен и сигурен банкарски сектор со потенцијал за справување со сите предизвици, како и потенцијал за силна кредитна поддршка на компаниите и населението во Република Македонија.
Од Македонската банкарска асоцијација итовремено апелираат до политичките структури и сите други субјекти во земјава да се воздржат од какви било неиздржани и непроверени коментари, оценки и квалификации за состојбите во банкарскиот сектор, а особено да избегнуваат политички маркетинг на сметка на банките и штедилниците и интересите на сите нивни клиенти – граѓани и компании, како и на нивните акционери.- На тој начин, оценуваат, ќе дадат свој конструктивен придонес за одржување и унапредување на тоа што е јавно добро во секоја земја: довербата на граѓаните, компаниите и акционерите во банкарскиот систем и неговата стабилност и сигурност.
На седницата присуствуваа гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, вицегувернерите на Народната банка и и претставници на надлежните дирекции на Народната банка.
Од МБА посочуваат дека низ широка и сеопфатна дискусија, се разгледани актуелните состојби во банкарскиот систем, влијанието и предизвиците од ковид-кризата, како и аргументацијата за донесувањето на Одлуката на Советот на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците. Гувернерката Бежоска ги презентираше согледувањата и причините за носење на споменатата Одлука од страна на Советот на Народната банка.
Советот на Народната банка на редовна седница минатата недела донесе Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците.
Како што појаснија тогаш со Одлуката којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза.
– Одлуката е од привремен карактер и ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката. Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука, наведоа од Народната банка.
Како што беше нагласено на седницата, токму поради неизвесноста којашто сѐ уште постои, се очекува дека банките, како и досега, и натаму претпазливо ќе ги планираат своите капитални потреби и ќе му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси. Ова, како што оценија, е од исклучително значење за натамошно зачувување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, како и за обезбедување натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Заради корона-кризата, вакви привремени ограничувања во однос на дивидендите се воведени и во земји од регионот и пошироко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.