Прогресивниот данок нема да го зголеми иселувањето, затоа што оние кои заминуваат одат во држави каде даноците се уште повисоки, а изборот им е поради подоброто функционирање на тамошните институциите отколку тука. Ова го посочи министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната дебата „Ајде да зборуваме за даноци”, одржана на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово во темата како со прогресивниот данок да се намали иселувањето.
На пример, младите се иселуваат во земји каде има 45 отсто данок. Значи не одат заради висината на данокот, туку поради тоа што таму за разлика од овде подобро функционира здравството, образованието, има подобри патишта и функционално општество. Затоа ние сакаме да ја зајакнеме целокупната економија со подобри платени работни места. НАТО интеграциите се добра можност за нови странски инвестиции и остварување на оваа замисла, рече Тевдовски одговорајќи на студентите.
Тој потенцира дека парите од прогресивниот данок ќе се искористат за таргетирање на социјалните трансфери, односно тој што ја прима ваквата помош да биде извлечен над линијата на сиромаштија.
За ефектите од воведувањето на прогресивниот данок зборуваше Весна Срцева, раководител на Сектор за стратешко планирање при Управата за јавни приходи (УЈП).
Овој данок е важен за социјалниот баланс. Придонесува за намалување на нееднаквоста и сиромаштијата. Треба да се има во предвид разграничување на маргиналната, просечната и ефективната даночка стапка, рече Срцева на дебатата.
Ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети истакна дека е задоволен што во рамки на дебатата присутните студенти покажале високо знаење околу даноците.
И самиот министерот, преку тестирањето, констатира колку студентите се запознаени со даночните решенијата. Над 80 посто точни одговори, а не беше тестирањето ниту најавено, ниту подготвувано, рече Беџети.
Дебатата беше во организаација на Фондацијата Фридрих Еберт и Центарот за пазвој на бизнисот при Универзитетот на ЈИЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.