Една од најбрзорастечките и до скоро најголеми компании во Битола – „СВ-Инвест“, е во стечај. На последното стечајно рочиште беше обелоденето дека фирмата на Стојан Чифлигаровски должи над 25 милиони евра, иако до преклани прикажуваше профити од 2,5 милиони евра. На местото на оваа фирма која опозицијата ја врзуваше во власта, сега доаѓа нова компанија, „Новоматрикс“. Но, според истражувањето на „360 степени“, таа компанија има редица врски со фирмата што оди во стечај.
Ретко кој имаше слушнато за битолската компанија „СВ-Инвест“ кога во април 2018 година опозицијата обвини дека таа е параван за бизнис-интереси на семејството на премиерот.
Камиони од струмичката компанија, во сопственост на Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, со налепници на битолската компанија СВ-Инвест, се ангажирани за превоз на јаглен во РЕК Битола, извести ТВ Сител на крајот на април 2018 година.
Тоа е така бидејќи сопственик на овие камиони кои се гледаат од видео материјалот не е СВ-Инвест туку компанијата ДГ и Тотал Инженеринг Струмица каде управител и сопственик е лицето Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев – изјави Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во видео обраќање до јавноста.
Ваквите обвинувања добија демант од посочените. Така, приказната тогаш се стиша.
Но, набрзо потоа, „СВ-Инвест“ почна да добива тендери во РЕК Битола, иако не за транспорт на јаглен. Дел од тие зделки станаа спорни за опозицијата.
Столе Чифлигаровски, сопственикот на СВ-Инвест, и индиректно Вице Заев преку СВ-Инвест, се обидоа да изнудат тендер без да исполнуваат услови да го добијат тендерот од фирма која си го добила на јавен повик во РЕК Битола – изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на крајот на мај, 2021 година.
Електрани на Македонија, Владата и сите други повторно демантираа. Но, во меѓувреме, се случи неочекуван настан.
Фирмата „СВ-Инвест“, која до преклани работеше со профит кој се мери во милиони евра, отиде во стечај. Зошто наеднаш пропаѓа една од најголемите битолски фирми?
Рударско енергетски комбинат Битола. Тоа е целото име на најголемиот производител на електрична енергија во државава, но и име на државната фирма која троши најмногу пари на јавни набавки.
Ставката по која се одлеваат најмногу буџетски средства на тендери е за наем на приватна механизација за различни намени, како ископ на јаглен или јаловина. Само за половина година, оваа 2021, РЕК веќе има потпишано јавни набавки во висина од околу 44 милион евра. А тоа не е воопшто малку.
Лани, за цела година, за надворешна механизација биле потрошени двојно пониски 21,3 милиони евра. Во 2019, пак, 14,9 милиони евра. Или, ако се направи историски преглед, откако по доаѓањето на власт СДСМ успеа да ги преполови трошоците за надворешна механизација, РЕК годинава се враќа на нивото на трошење за оваа намена слично како во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Зошто годинава се потрошени толку пари?
„Причината… “лежи” во активностите што се реализираат во Рудникот ПЈС на РЕК Битола во два важни сегменти… Годинава конечно се реализира пуштањето во употреба на новиот јаловински систем во Рудникот ПЈС, за што, пак, неопходен е ангажман на сериозен број машини за ископ… Исто така, зголемените трошоци за ископ на јаловина годинава се должат и на јавната набавка за изработка на усек за раздвојување во површинскиот коп ПЈС во РЕК Битола. Активноста следува по минатогодишните катастрофални поплави што ги зафатија рудниците на РЕК Битола и има за цел превенција на елементарни непогоди од таков тип, објаснуваат од Електрани на Македонија.
Сумата од 44 милиони евра за помошна механизација не ги вклучува и 17,5 милиони евра кои комбинатот ги потроши на сопствени машини. Од РЕК велат, таа опрема се уште не е стигната но и кога ќе стигне ќе покрие до 30% од потребите.
Повеќе на 360 степени
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.