Драстично расте невработеноста во Македонија. По Албанија со зголемена невработеност од дури 25%, земјава се најде на неславното второ место по растот на невработеноста од 11% меѓу земјите од Западен Балкан – пишува Светска Банка во најновиот извештај.

Коронакризата ќе ја зголеми сиромаштијата на нивото од пред 2015 година – предупредува банката. Дури 75 илјади луѓе кои сега едвај врзуваат крај со крај, ќе паднат во групата сиромашни граѓани. Сиромаштијата драстично ќе се зголеми кај работниците во најпогодените сектори.

Симулациите предвидуваат стапката на сиромаштија да порасне од околу 17% од 2019 година, до околу 20-23% во 2020, и од 55.000 до над 130.000 граѓани на Македонија би западнале во сиромаштија. Приходите кај граѓаните со најниски примања ќе паднат од 5% до 8% и до 13% кај останатото население, а над 75% од оние што веројатно ќе паднат во сиромаштија, сега немаат социјална заштита“ – пишува во извештајот на Светска Банка.

Светска банка пишува дека речиси сите земји од регионот решиле да ги субвенционираат платите. За разлика од македонската влада која издвои пари само за април и мај и ги остави бизнисите самите да се снаоѓаат да исплатат плати во најпогодениот месец – март, во Србија на пример, Светска Банка пишува дека се предвидени субвенции за 3 месеци.

За разлика од кај нас, Косово ќе ги покрие пензиските придонеси за април и мај, а во Црна Гора фирмите ќе го одложат персоналниот данок на доход и придонесите за социјално осигурување.

Средната класа ќе се намали, а дури 400 илјади луѓе ќе паднат во сиромаштија во земјите од западен Балкан ако нивните влади не реагираат навреме за да ги спречат негативните последици од корона кризата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.