Пуштање во употреба на првите 30 километри од автопатот Кичево – Охрид, обнова на локални патишта во должина од 450 километри, завршување на првата делница од пругата кон Бугарија, тендери за магистралните гасоводи Велес – Свети Николе и Гостивар – Кичево, промоција на Охридскиот аеродром и нови авиолинии, изградба на социјални станови.
Тоа се клучните проекти коишто според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ќе се реализираат годинава и како што нагласува, независно од изборниот процес ќе има уште посилен интензитет на градежни активности насекаде низ држава за повисок раст на градежништвото и економијата.
Одговарајќи на новинарски прашања Сугарески рече дека не може да каже дека пред стартот на туристичката сезона ќе бидат пуштени првите 30 километри од автопатот Кичево – Охрид, но потенцираше дека се прави се делот од автопатот од Врбјани до Охрид да биде оспособен и да биде пуштен во собраќај.
Многу важен проект на кој ќе посветат посебно вниманите, како што рече, е изградбата на железницата кон Бугарија.
Оваа година очекувам многу силно темпо за изградба и до крај на годината конечно да го завршиме делот од Куманово – Бељаковце. Во тек е тендерската постапка за изградба на втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка. Има голем интерес за овој проект, 15 компании се влезени во тендерската постапка и заедно со ЕБОР се работи на евалуација на понудите. До крај на годината очекуваме да се избере изведувач и да почнеме со работа на терен, рече Сугарески, дополнувајќи дека третата делница треба да почне во 2021 година.
Според Сугарески, нема проблеми на терен за пуштање во функција на железничкиот крак Битола Кременица која е готова и се направени и тестирања. – Таму се вградува опрема која треба да се постави со оптички кабел од Трубарево до Битола. Проблем нема. Очекуваме најбрзо да биде, наредната недела ќе имаме состанок со Железници Транспорт и Министерството за финансии преку кои се имплементира тој проект за конечно да биде во функција. Таа е со тестирање и немаме никаков проблем на терен со тоа, рече Сугарески на новинарско прашање.
Преку Фондот за финансирање проекти за Западен Балкан, одобрени се 2, 7 милиони евра за изградба на заедничка желеничка станица на Табановце со Република Србија за која треба да се распише тендер до крај на годинава и таа да биде оперативна во 2023.
Меѓу позначајните проекти за годинава од транспорт истакнуваат дека е и планираната изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри во 80 општини низ државата.
Во делот на гасификацијата, во втората половина од годинава преку Национални енергетски ресурси ќе се распишат јавни повици за изградба на магистралниот гасовод Велес – Свети Николе и магистралниот гасовод Гостивар – Кичево. Веќе се преговара со ЕБОР за финансирање на проектот и очекуваме да има позитивен одговор од нивна страна. Тоа што е многу важно оваа година ќе заврши изградбата на делниците од Неготино преку Прилеп до Битола и делницата Скопје-Тетово-Гостивар, рече Сугарески.
Тој информира дека годинава планираат да почнат изградба на 312 социјални становиво општина Бутел. Веќе има договор со изведувач и се расчистува локацијата од постојни објекти. Во соработка со АД за стопанисување со станбен и деловен простор, пак, се подготвува изградба на социјални згради во Гевгелија, Пехчево, Виница, Свети Николе, Дебар, Сарај, Велес и Демир Капија каде се планираат вкупно 320 социјални станови. Годинава се очекува да заврши изградбата на двете социјални станбени згради во Пробиштип и Неготино со 110 станови.
Се подготвуваат и 30-ина проекти во вредност од 10 милиони евра за изградба и реконструкција на водоводи и канализации во општините. За 10-ина дена планираат да стартува изградбата на канализацијата во Визбегово, што беше едно од најгласните барања на стопанствениците што работат во индустриската зона.
Ресорот транспорт ја заврши минатата година со 86 проценти реализација на капиталните инвестиции. Гледано по сектори кај гасификацијата со 94 проценти, железницата 82 проценти, комуналната инфраструктура со 63 проценти, а социјални станови со 100 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.