Се обновуваат 10 километри од регионалниот пат Алденци – Житоше. Инвестицијата вредна 320.000 евра е по барање на жителите и со неа исполнуваме уште еден од ветените владини проекти, истакнаа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов кои денеска заедно со премиерот Оливер Спасовски и градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски извршија увид во работните активности.
Како што рече Сугарески, паралелно се работи и на рехабилитација на патот Крушево – Слива – Пуста Река.
Овој пат јас го ветив пред граѓаните и ова е нашето исполнување. Активно работиме и на рехабилитација на патот Крушево – Слива – Пуста Река. Кога сме кај Крушево, сакам да истакнам дека покрај во патната мрежа, инвестираме и во подобрување на комуналната инфраструктура. Завршивме со проектите за подобрување на водоснабдувањето во Борино и Саждево и при крај сме со изградба на канализацијата во Норово. Дополнително, со Општината работиме и на проектот за подобрување на водоснабдувањето во Јекреново, така што целосно ќе ги реалзираме проектите што ги имаме во програма за Крушево, напомена министерот.
Според него, сите планирани капитални инвестиции ќе се реализираат со предвидената динамика.
Сè што ветивме во владината програма, активно го работиме на терен: преку 400 километри патишта, дваесетина проекти за канализации и водоводи, изградба на магистралниот гасовод и други капитални проекти. Оваа Влада покажа како треба да се работи, цела држава е едно огромно градилиште и уверувам дека со исто такво темпо ќе продолжиме да работиме и понатаму, подвлече Сугарески.
Директорот дополни дека се работи и на регионалниот пат Лажани – Житоше.
Сите овие проекти се во Програмата на ЈП за државни патишта уште од 2019 година и немаат никаква врска со изборите што следуваат. Проектите предвидени за овој регион, за дел од кои тендерите се веќе објавени, а дел ги објавуваме следниот месец, се реализираат преку Европска банка за обнова и развој и се проектираа најмалку една година. Граѓаните можат да очекуваат почеток на рехабилитација на регионалните патни правци Крушево – Демир Хисар, Кривогаштани-Крушево, Битола-Демир Хисар, Другово-Демир Хисар и Кичево – Македонски Брод. Во целиот овој регион од Кичево и Македонски Брод до Крушево, Демир Хисар и Битола интензивно ќе се гради за доброто на сите граѓани, рече Китанов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.