Над 500 активни и уште околу 200 пензионирани судии, ќе ја тужат државава, барајќи да им се исплатат ретроактивно додатоците на плата, кои им следувале, но не им биле исплатувани за последните три години, пишува Сведок.

Ваквата најава за тужби од судиите следува по одлуката на Судскиот буџетски совет да им додели надомест за месец ноември 2018 година на 510 судии, а минатата недела, ова одлука да се прошири и за уште два месеца наназад. Секој судија, според одлуката на Судскиот буџетски совет, добива по 21.000 денари како надомест на платаа, или вкупно, на месечно ниво за оваа намена се исплатени околу 175 илјади евра, или над 525 илјади евра за трите месеци. Додадтоците на плата, според Судскиот буџетски совет, се исплатени откако биле обезбедени средства во Судскиот буџет.

Но, ако одлуката за исплата на надомест на плата за судиите предизвика револт кај судската администрација, кај власта ја запали сијалицата, па се тврди дека одлуката да им се исплатат пари и на членовите на Судскиот совет (13 на број, кои во моментов не се судии, а некои од нив никогаш и не биле судии) е незаконска, бидејќи нив не ги опфаќа законот.

Министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска, која по функција е член на Буџетскиот совет, јавно обвини дека Одлуката за определување надоместоци на плата за членовите на Судскиот совет е незаконска.

Претседател на Судскиот буџетски совет е Зоран Караџоски, претседател и на Судскиот совет, а членови се претседателите на четирите апелациони судови и на четири основни судови (по азбучен ред и по систем на ротација), министерот за правда, како и претседателите на Врховниот и на Управниот суд. За одлуката гласале другите присутни членови, со исклучок на Караџоски, тврдат извори од Судскиот буџетски совет.

Но, бидејќи одлуката е потпишана од него како претседтел на Буџетскиот совет, синдикатот на УПОЗ најави кривична пријава против Караџоски, а Обвинителството отворило предмет по допрен глас за да утврди дали со одлуката е нанесена штета на Буџетот.


Обвинителството ќе ја испитува основаноста на донесените одлуки за исплата на додатоци на плата за членовите на Судскиот совет и извршената исплата. Надлежниот јавен обвинител истражува евентуална кривична одговорност за злоупотреба на службената положба и овластување и нанесена штета на Буџетот на Р. Македонија со исплата на додатоците кои не се пропишани со Законот за плати на членовите на Судскиот совет
– соопшти ОЈО Скопје.

За синдикатот на УПОЗ, одлуката за ретроактивна исплата на средства за месеците септември и октомври и веќе исплатените за ноември, е скандалозна и незаконска и најавуваат штрајк.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.