Рекорден раст на цената на регионалната берза Хупекс. Дури 320 евра за мегават час достигна цената која ја платија трговците со струја кои ги снабдуваат домашните фирми кои се на слободен пазар. Иако како резултат на годишните договори македонските компании сѐ уште плаќаат по цена која е договорена при потпишување на договорот лани, повеќе од јасно е дека следната година цената ќе порасне значително.
Како резултат на растот на цената неколку компании за трговија со струја веќе ги откажаа своите договори, соочуајќи се со ризикот да ја изгубат лиценцата за работа. Оние пак што доследно продолжија да го испонуваат својот договор, се соочуваат со големи загуби. Според податоците од пазарот ЕВН Снабдување, ЕДС и ГЕНИ М се едни од ретките компании кои продолжија да ги снабдуваат своите клиенти и покрај загубите. Дел од нив ги затегнаа условите, па така ЕДС ги откажува договорите доколку клиентот во рок од пет дена не ја плати фактурата за струја, бидејќи финансискиот товар на трговците е голем.
Растот на цената на струјата на светските берзи, притиска и врз цената за домаќинствата. ЕСМ и покрај напорите да обезбеди јаглен и мазут за термоцентралите, неизвесно е дали ќе успее да испорача 60 отсто од потребите на домаќинствата. Двата тендерти што ги распиша ЕВН хоум, пропаднаа бидејќи државната ЕСМ не даде понуда на тендерот и покрај законската обврска. Според досегашните проценки 60 отсто од струјата за домаќинствата се обезбедува од домашно поризводство по цена од 36 евра за мегават, додека 40 отсто се обезбедува од увоз, кој сега чини 320 евра за мегават. Доколку ЕСМ не обезбеди струја од домашно производство, струја за граѓаните ќе се увезува, со што наместо сегашните проекции за зголемување на цената од над 20 отсто, цената ќе порасне за 50 отсто, велат експертите.
Според најавите се очекува Владата на затворената седница во вторник да утврди нова цена на ЕСМ од сегашните 36 евра, на околу 45 евра, по што ЕСМ треба да понуди количини за домаќинствата. Третиот тендер на ЕВН Хоме е најавен за 9 декември годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.