Досега, барања за корекција на струја до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), поднеле Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО), Националниот енергетски пазарен оператор (НЕМО) и Електродистрибуција. Како што велат од РКЕ, доколку ги усвојат нивните барања, за сметка од 1.000 денари, цената би се зголемила околу 50 денари, односно 5 проценти.

Но, овие три компании, во сегашното формирање на цената на струјата, учествуваат со 39,57 проценти, а најголемо учество има државната команија ЕСМ во чија сопственост се домашните енергетски капацитети – со 42,88 проценти. Потоа, со 10,26 проценти во сегашната цена учествува ЕВН хоум и со 7,3 проценти обновливите извори на енергија за кои има загарантирани повластени тарифи во период од 15 до 20 години.

Новиот ценовник Регулаторната комсија за енергетика ќе го одобри со важност од 1 август.

Според новата регулатива, трошоците на ЕСМ, веќе 2 години, не се под лупата на Регулаторната комисија за енергетика. ЕСМ на тендер ја нуди струјата, но за да се заштитат домаќинствата и малите потрошувачи, според регулативата, мора да задоволат 70 проценти од потребите на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ за 2021 година. Во претходните две години, тој процент беше повисок, но во наредните ќе се намалува во фунција на либерализација на пазарот на електрична енергија.

На тендерите до април, ЕСМ на ЕВН хоум му нудел струја по 38,8 евра за мегават-час електрична енергија и таа е дури триесеттина проценти пониска цена од онаа што се плаќа на другите компании што продаваат струја, односно нивната просечна цена била околу 60 евра. Исто, во првите 4 месеци од годината, трошоците за обновливите извори на енергија биле 99 евра за мегават-час, а лани биле 113 – вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тој вели дека тоа по која цена ЕСМ ќе ја понуди струјата на тендерот во втората половина од јуни е деловна одлука на компанијата.

„Електродистрибуција“ е вториот најголем учесник во формирањето на цената на струјата, и тој во сегашната цена учестува со 35,91 проценти. „Електродиструбуција“, со последната регулатива, се издвои како посебна фирма од ЕВН, бидејќи според европската директива еден субјект не може да дистрибуира и да продава струја. Оваа компанија побарала зголемување на цената од 0,95 проценти. Регулаторната комисија го кажува крајниот збор за „Елкетродистрибуција“, за МЕСПО кој побарал 140 проценти зголемување на својот дел и за барањето на НЕМО за зголемување од 0,13 проценти.

Нема да признаеме било какви трошоци што не се поврзани со основната дејност – дециден е Бислимоски.

Универзалниот снабдувач со струја, односно продавачот е „ЕВН хоум“. Тој има маржа од 10,47 проценти утврдена на тендер за период од 5 години. Но, како што објаснува Бислимоски, тоа не е само компаниски профит, затоа што со маржата треба да се покријат и материјални трошоци, амортизација, загуба на струја во систем. Оваа година, тие трошоци заедно, како маржа изнесувале 30 милиони евра, а профитот бил околу 1 процент.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.