Договор за закуп на парцела со површина од 139.640 квадратни метри во ТИРЗ Скопје беше потпишан со германската фрмацевтска компанија Герешајмер која во повеќе фази треба да реализира објект од неколку десетици милиони евра во кој ќе работат 400 високостручни кадри. Според најавите првата фаза треба да се реализира до крајот на декември годинава или најдоцна во првиот квартал од следната година. Со ова вчера се пофали премиерот Зоран Заев, нагласувајќи дека се работи за инвестиција договорена непосредно по потпишувањето на протоколот за членство во НАТО.

Тој посочи дека инвеститорите веќе ја препознаваат земјава како сигурна и стабилна дестинација за своите вложувања. Се пофали дека било постигнато рекордно ниво на странски инвестиции наводно поради добрите политики кои ги спроведувала оваа влада. А инвестициите кои влегоа во Македонија се главно инвестиции договорени во време владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Економскиот владин сектор е еден од најкритикуваните. Се очекува метлата да заигра токму тука. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев пак се пофали дека многу работел. Потпишувањето на договорот доаѓало по една и пол година разговори и преговори.

А како всушност дојден Герешајмер?! Консултатнт од фирмата ја посочил земјата како една од можните локации за отворање фабрика. Никој од владиниот тим не преговарал, не ги поканил или ја понудил земјата како поволна за нивниот бизнис. Самата фирма била во земјата, се консултирала со фирмите кои веќе инвестирале во земјава и решиле да влезат во Македонија. Од владиниот тим не била направена никаква анализа на секторот, на фирмата и слично за да ја понуди земјата како дестинација. Оставено е фирмите сами да се информираат, сами да бараат и да дознаат за Македонија како можна земја за инвестирање.

Извршниот потпретседател на Герешајмер задолжен за глобални операции, квалитет и набавки Оливер Марк Бергел рече дека пресудно за да влезат и да инвестираат во ТИРЗ Скопје се младите луѓе кои се стремат кон знаење и се подготвени да работат напорно.

Герешајмер е светски позната компанија за производство на апликатори за инсулин, инхалатори за астма,… основана во 1864 година. Има 50 свои фабрики во 15 држави на четири континенти во кои работат 10.000 вработени што остваруваат 1,3 милијарди евра промет. Соработува со сите гиганти од фармацевтскиот сектор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.