Авиокомпанијата Виз Ер денеска објави дека како резултат на значително поголемиот обем откажани летови поради ограничувањата на патувања, наметнати како борба против ширењето на пандемијата Ковид 19, го автоматизираше процесот на рефундација на афектираните клиенти со автоматско поставување на 120 проценти од оригиналната цена во делот на Виз кредитите на сметките на своите клиенти.

Паралелно со воведувањето на автоматскиот процес на рефундација, авиокомпанијата привремено ќе ги оневозможи своите опции за онлајн регистрација најдоцна до 14 април 2020 година за да се осигури дека може да се справи со откажувањата примени во последно време, чија бројка е зголемена повеќе од 100 пати. Виз Ер би сакал да ги увери сите свои клиенти дека дури и ако процесот потрае подолго од вообичаеното, сите побарувања ќе бидат решени и клиентите ќе имаат право на рефундација по откажаниот лет, стои во соопштението од нискобуџетната авиокомпанија која опслужува повеќе летови од аеродромите во Скопје и во Охрид.

Додека автоматскиот процес на враќање на готовина за туристички агенции се развива со висок приоритет, Виз Ер ги замолува туристичките агенции да го контактираат центарот за повици на авиокомпанијата.

Патниците кои ги направиле своите резервации преку туристички агенции – вклучувајќи ги и онлајн туристичките агенции – треба да ги контактираат компаниите преку кои ги купиле своите билети.

Во овој исклучително невообичаен период ве замолуваме да ги користите нашите платформи за самопослужување, кои се наведени во електронските пошти за да се намали колку што е можно повеќе користењето на нашите центри за повици кои и онака се премногу зафатени – наведува авиокомпанијата.

Во државава, како мерка за превентивно спречување на натамошното ширење на коронавирусот привремено веќе е затворен аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а Владата синоќа заклучи во рок од 48 часа да биде затворен и Меѓународниот аеродром Скопје и граничниот премин на овој аеродорм, освен за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и летови без патници за позиционирање на воздухоплови, со претходна најава до аеродромскиот оператор ТАВ Македонија. Детали за затворањето на аеродоромот концесионерот ќе објави дополнително.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.