Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски одржа прес-конференција на која образложи што се случило денеска на средбата меѓу координаторите на пратеничките групи со претседателот Талат Џафери.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложиле на утрешната седница да го поддржат носењето на законите со тоа што ќе бидат на седницата и ќе обезбедат кворум.

Никола Мицевски рече дека економските мерки не биле блокирани од ВМРО-ДПМНЕ, туку од СДСМ и ДУИ, кои го одбиле предлогот.

Денес стана јасно кој блокира, кој не се грижи за здравјето на граѓаните. Додека смрните случаи се зголемуваат, и откако се покажа дека власта е неспособна да обезбеди вакцини, СДСМ единствено што ги интересира е како да профитираат. Играјќи игри, на секој начин се обидуваат да избегнат одговорност и да ја обвинат опоизицијата. Не се блокирани овој сет економски мерки од ВМРО-ДПМНЕ, туку од СДСМ и од ДУИ. Тие го користат овој пакет, затоа што знаат дека немаат кворум, и се обидуваат на утрешната седница да протуркаат штетни закони за кои сметаме дека треба да се дискутира. Упатувам апел до сите пратенички групи да разберат дека треба да се борат интересите на граѓаните на Македонија, и овој пакет закони е за нивниот бенефит, а не да бидат послушани од погубните политики, рече Мицевски.

Тој рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложила да се закаже посебна седница на која ќе бидат разгледани законите поврзани со петтиот сет мерки, но предлогот бил одбиен: Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија, заради заштита од илегална миграција и заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за Коронавирусот COVID-19 и спречување од негово ширење и заради висок ризик и зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија, Предлог-законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за месеците февруари и март 2021 година, Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година и Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на личен доход.

Побаравме да бидат одделени и ставени на посебна седница со цел овие закони со оглед на тоа дека роковите одамна  се поминати да се изгласаат, а со тоа да се помогне на граѓаните и на стопанството во оваа криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.