Сојузот на синдикати на Македонија попладнево реагираше на одлуката за одлагање на решението со кое недела треба да биде неработен ден.

Посочува дека како социјален партнер и претставник на работниците не е констултиран за ваквото одложување. Смета дека за едно вакво важно прашање не треба да се одлучува еднострано и надвор од Економско-социјалниот совет.

Потсетуваме дека на последната седница на Економско-социјалниот совет, одржана на 15.02.2021 година, сите социјални партнери се согласија дека треба да се постигне консензуз, а не процесот да се враќа назад. Очекуваме преговорите за допрецизирање на одредбите, во насока на уредување на правото за недела да биде неработен ден за сите вработени да продолжат и истите да завршат во најкус можен рок, имајќи предвид дека донесувањето на Законот веќе еднаш е одложено и тоа за примената од јуни 2021 година, а во последиот текст за септември 2021 година и тоа без претходна согласност со социјалните партнери, наведува ССМ во реакцијата.

Реагираат и на изјавата за усогласување на минималната плата.

Ја потсетуваме министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска да не се става над законот поради тоа што минималната плата согласно Законот за минимална плата, мора да се усогласи во месец март, а не како што е пренесено во медиумите од нејзината изјава, дека и ова усогласување на минималната плата ќе се одложи за наредната година односно за 2022 година. Работниците и граѓаните очекуваат од социјалните партнери да испорачаат резултати од преговарањето во насока на унапредување на работничките права, а не континуирано да се одлага решавањето на нивните проблеми, велат од ССМ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.