Вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна и ја демантираме во целост, велат од Сојузот на стопански комори во демантот до Филипче. Најавувајќи ја задолжителната вакцинација на вработените во јавниот сектор, Филипче рече дека таква мерка ќе се препорача и за приватниците, бидејќи „од Сојузот на стопански комори стигна едно писмо со слични барања, а се со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата“.
Демантот ви го пренесуваме во целост:
Заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија и тоа може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита.
Сојузот на стопански комори овие две години уште од почетокот на пандемијата дава активен придонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување, се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици врз економијата.
Во таа насока сакаме да истакнеме дека вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна и ја демантираме во целост. Ниту од наша страна е испратено писмо на кое тој се повикува, ниту такво нешто сме барале од Министерството, бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна, е лично право на избор и истото не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.