На арбитража во Загреб ќе се рашава спорот меѓу ЈПДП и шпанската компанија „Рубау конструксионес“, каде постои ризик Македонија да плати оштета од 10 милиони долари. Од Владата се уверени дека до тоа нема да дојде, иако „Рубау“ ја стопираше изградбата на патот Дреново – Фариш и побара раскинување на договорот. Како причина наведуваат дека македонските власти не ја ислатиле последната фактура за изведување на работите. Надлежните тврдат дека аргументите биле на македонска страна. Излегоа со контраобвинување дека „Рубау конструксионес“ 3 месеци не доставила план за работа, бавно градела, не успеала да ја предаде изградбата на делницата на друга компанија и го напуштила градилиштето, па затоа ЈПДП побарало активирање на банкарската гаранција од 7,7 милиони евра, објави Алфа.

Изградбата на патот ќе се пролонгира. За неколку месеци на тендер ќе се бара нов изведувач, а надлежните очекуваат градежните работи да продолжат веќе во март наредната година.

И по два дена се уште молк од „Рубау конструксионес“ и нејзиниот правен застапник, адвокатската куќа „Хоган ловелс“. Од двете фирми засега нема одговор за да објаснат кога шпанската компанија се одлучила на овој чекор, кој бил повратниот одговор од македонска страна, кои им се аргументите за да добијат обесштетување од 10 милиони долари, кои им се следните чекори во овој процес или дали двете страни можат евентуално спогодбено да се договорат за трошоците од македонска страна да бидат што е можно помали.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.