Ниското ниво на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски се должи на застојот во изградбата на железничката делница Куманово – Бељаковце од пругата кон Бугарија и дел од средствата за овој проект ќе бидат повлечени со ребалансот на Буџетот, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој истакна дека за проектот за пругата Куманово – Бељаковце треба сериозна анализа и посочи дека највереројатно ќе се оди со нова постапка поради спорот со изведувачот кој ги сопре активностите на терен.

При изборот на нов изведувач очекуваме веќе да не ни се јавуват вакви проблеми на трасата. Тоа е делница на која се работи 25 години, нешто што е недозволиво и ако сакаме да бидеме држава која ќе биде пример за реализација на капитални инвестиции ова не смееме ова да го дозволиме – порача Бочварски.

Доизградбата на пругата од Куманово до Бељаковце е во приоритетите за работа што ги претстави Бочварски во кои е предвидено да се почне и со втората и третата фаза од железничкото поврзување со Република Бугарија, како најголем инфраструктурен проект, како и да се пушти во сообраќај новата пруга од Битола до Кременица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.