Телекомуникациската компанија „Телеком“ соопшти дека продолжува со активности за поставување 5Г мрежа на целата територија на државава. Како што информираат од комапнијата, во тек е интензивна работа на терен со партнерот „Ериксон“ за замена на постоечката технологија со опрема од најновата генерација којашто ќе овозможи 5Г услуги, поголем капацитет и подобро корисничко искуство.

Од август досега покриени се 11 градови во централниот и западниот дел на државата, а до крајот на годината ќе се покријат уште две во јужниот дел: Гевгелија и Дојран.

Со планираните активности до крајот на годината, 20 проценти од населението ќе биде покриено со опрема од најновата генерација, а до средината на наредната година поголемиот дел од населението во урбаните средини ќе има можност да користи 5Г услуги. За модернизација на мрежата и овозможување 5Г, компанијата инвестира над 45 милиони евра за наредните четири години – посочуваат од „Телеком“.

Од компанијата најавуваат дека ќе понудат 5Г услуги со гигабитни брзини веднаш по добивањето на одобренијата за користење радиофреквенции од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), што се очекува во првото тромесечје од 2022 година.

Големите брзини и капацитети на новата 5Г мрежа ќе донесат револуција во корисничкото искуство и создавање досега невидени услуги и производи коишто ќе ни го поедностават животот во сите сфери. Технологијата од петтата генерација, заедно со новите технологии: Интернет на нештата, Паметни сензори и Вештачка интелигенција, ќе овозможи рационално и ефикасно да ги користиме природните ресурси и енергијата, да го зачуваме биодиверзитетот, да го зголемиме производството на храна, да ја намалиме емисијата на штетни гасови и др. Овие технологии ќе бидат најсилната алатка во борбата против климатските промени – најавува телекомуникациската компанија.

АЕК вчера објави тендер за доделување одобренија за користење радиофрекфенции за петтата мобилна генерација, преку јавно наддавање. Рокот за доставување на понудите е 35 дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.