Првата делница од експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23 километри денеска е пуштена за сообраќај.

На делницата се изградени четири клучки: Штип -Југ, клучка Долани, Лакавица и клучка Бучим. Изведени се седум натпатници и потпатници, како и 11 мостови од кои еден е со должина од 322 метри. Коловозот е со ширина од 12,5 метри.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека отворањето на овој експресен пат е историски момент за сите граѓани од Штип, Радовиш и Струмица, но и од цела Источна Македонија, бидејќи, како што кажа, времето за патување двојно се скратува. Првата фаза, рече тој, е завршена на 22 април годинава, пред предвидениот рок, во услови на пандемија.

Во рок од три години, согласно предвидената динамика добивме завршен проект по сите европски правила за подигнување на нивото на безбедноста во сообраќајот и изградба на експресниот пат по најсовремените стандарди. Во последните 30 години ова е единствениот пат завршен пред предвидениот рок и верувам дека овој тренд на прецизност, висока професионалност и без никакви проектни и градежни отстапувања ќе се следи и во иднина, рече Заев.

Верува дека втората фаза ќе биде пуштена во употреба во септември 2022 година. Вкупната проектирана должина за комплетниот експресен пат ќе изнесува 40,46 километри, а вкупната вредност е околу 60 милиони евра. Најави дека следат големи инвестиции во патната инфраструктура во вредност од 1,6 милијарди евра на ниво на целата држава.

Министерот за транспорт Благој Бочварски истакна дека експресниот пат Штип-Радовиш е ново модерно решение во вкупната патна мрежа на државата. Овој експресен пат, нагласи, е пример како се гради квалитетно и навремено, притоа применувајќи ги најсовремените системи за задржување на возилата и изградба на објектите на целата траса согласно Европските стандарди за оваа категорија на патишта.

Бочварски потенцираше дека интензивно се работи и на изградба на втората фаза од експресниот пат делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ како и делница од Бучим до Радовиш.

Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена до средината на следната година. Овој експресен пат е дел од државната А4 рута, започнувајќи од Граничен премин Блаце, преку обиколницата Скопје и новиот автопат до Штип, и преку овој експресен пат се поврзуваме со соседна Бугарија. На тој начин добиваме брза патна врска по целиот Југоисточен регион, рече Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми рече дека патот е квалитетно изведен согласно најновите и највисоките европски стандарди. Заради подобро поврзување со блиските населени места, како што информира, на експресниот пат изградени се 40 објекти за премостување, односно четири клучки, седум натпатници и потпатници, 11 мостови и вијадукти за полесен пристап на граѓаните.

Шефот на Европската банка за обнова и развој за Македонија, Андри Аранитаси информира дека Банката обезбедила кредит од 64 милиони евра на ЈП за државни патишта за финансирање на подобрувањето на 39 километри од националниот пат А4. Зафатот, како што посочи, вклучи реконтрукција и проширување на веќе постоечкиот пат со цел да обезбеди две коловозни ленти со широчина од 3,5 метри, како и ленти за застанување со широчина од 2,2 метри.

Банката активно работи на озбезбедување финансиска поддршка за проекти за новите патишта, како проектите Кичево – Букојчани, дел од коридорот 8 и автопатот Скопје – Блаце, рече Аранитаси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.