По две години повторно нема откуп за модрата слива.

Сливарите од Пијанец велат дека богатиот род и годинава ќе скапува по овоштарниците, објавува Сител.

Ќе остане. Ете гледате таму како е фрлена. Берат луѓето нема на кој да дадат и ја фрлаат. Жално, Бога ми, жално, се мачиме вложуваме и на крај ништо – вели Атанас Ангеловски сливар од селото Град во Делчевско.

Моменталната откупна цена изнесува 12 денари по килограм, што е солидна цена ако се има предвид дека во 2018 се откупуваше по пет денари.

Меѓутоа, сливо производителите реагираат дека им се прави селекција, односно, парадоксално откуп се врши само на оние кои имаат поголеми количини од 100 до 200 тони, а помалите не се интересни за трговците.

Тоа не е организиран откуп, туку е индивидуално, кој како има пријатели. Овие со шлеперите што доаѓаат откупуват поголеми колични. Ти што имаат помали количини се чудиме каде да ги пласираме. Фактички и не са мали количините, затоа што такви индивидуални производители што имаат мали количини се над стотици – вели сливарот Славчо Десподов од Делчево.

За да се спаси домашното производство, тие предлагаат Владата и ресорното министерство да издаде лиценци на фирми, кои ќе склучуваат договори со сливарите и кои ќе произведуваат мармалад, џем или ќе работат како дестилации, кое ќе биде трајно решение за нивниот проблем.

Индивидуално вака, препуштени сами на себе, на милост и немилост на откупувачите, кои се договараат да ја намалат цената или чекаат да презрее сливата за да можат да ја откупат по поевтини цени, апсолутно не е решение.

Од лани им е укината и субвенцијата три денари по килограм за берење на сина слива, што автоматски ја намалува цената на девет денари. Затоа некои од нив се одлучиле за намалување на површините.

Јас имам ископачено два декари. Гледаме дека од оваа гранка нема повеќе егзистенција – вели Оливер Маринков од Делчевско.

Во Пијанец годинава се очекува да бидат набрани 14 000 тони сини сливи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.