Британската нискобуџетната авиокомпанија „Изиџет“ попладнево ќе го реализира првиот лет од директната авиолинија Скопје-Женева, со што и официјално влегува на македонскиот воздухопловен пазар.

Слетувањето на првиот лет од Женева на Меѓународниот аеродром Скопје е предвидено за 15:05 часот.

„Изиџет“ ќе ја опслужува линијата Скопје – Женева трипати неделно.

Со зимскиот распоред на летање, што стапи во сила на крајот на минатиот месец, покрај линијата Скопје Женева на „Изиџет“, се предвидени и нови летови од Скопје до Болоња, Торино и Билунд, што ќе ги реализира „Визер“, која исто така воведува нова линија и од Охридскиот аеродром до Фридрихсхафен.

Податоците на ТАВ Македонија покажуваат дека во периодот јануари-септември, двата македонски аеродроми, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, опслужиле вкупно 994.237 патници, што е 57-процентно зголемување во однос на истиот период од 2020. Во исто време, вкупниот број на патници за првите девет месеци од годинава е намален за 52 проценти, споредено со истиот период од 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата, бидејќи до почетокот на пандемијата бележеа постојан пораст на патничкиот сообраќај.

На двата аеродрома во првите девет месеци од годинава се реализирани 11.203 лета, што претставува 61 процент зголемување споредено со истиот период од 2020 година, но е за 34 проценти помалку споредено со истиот период во 2019 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.