Прогресивниот синдикат за образование (ПСО), член на Сојузот на синдикатите на Македонија, бара од Министерството за образование и наука да дозволи наставниците на наставнички совети да може да одлучат дали наставата да ја организираат со физичко присуство или онлајн во периодот од 1 декември 2021 до 31 март 2022 година.
Барањето го образложува со актуелните услови – сезона на грипови и влошување на состојбата со пандемијата од КОВИД-19, како и поради енергетската криза во државава.
Доколку состојбите со пандемијата се подобрат, учениците би можеле во последното тримесечие да се вратат во училишните клупи и со успех да ја завршат учебната 2021/2022 година. Покрај здравствена заштита, овие измени ќе овозможат и заштеда на енергија, како и помало загадување од училиштата што се затоплуваат со други горива, наведува ПСО во барањето до МОН.
Во соопштението, потпишано од претседателот на овој синдикат, Влатко Секулоски, се бара и итно решавање на статусот на околу 4000 вработени во образованието кои работат со договори на определно време.
Покрај ветувањата, освен вработените во стручните служби и техничкиот персонал во училиштата, кои може веднаш да бидат вработени на неопределно време, но не и наставниците. Се залагаме и препорачуваме оваа неправда итно да се исправи. Изненадени сме што засега единствениот репрезентативен синдикат во образованието е индиферентен кон претстојните предизвици на образовниот систем и наставниот кадар, наведува Прогресивниот синдикат за образование.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.