Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најавува предупредувачки протест на 15 април поради незадоволство од актуелната ситуација во државата во однос на работничките права. Одлуката за протестот е донесена на највисокиот орган на синдикатот на 7 април.

Протестот ќе почне од булеварот Гоце Делчев спроти Македонска телевизија, преку Собранието, a ќе заврши пред Владата.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, на прес-конференција соопшти дека македонскиот работник е осиромашен и не може да ја преживее кризата, се отпуштаат работници и се принудуваат да потпишуваат спогодбено договори за отказ.

Според Ралповски, апсурдно е да се зборува за зголемување на минималната плата од 1,7 проценти кога инфлацијата во март е 2 проценти. Од КСС посочуваат дека се вршат притисоци врз синдикалните лидери и се одоговлекуваат претставките во судовите поднесени од страна на синдикатите.

Со овој предупредувачки протест ги повикуваме надлежните да седнат и сериозно да ги разгледаат нашите барања кои не се илузија, туку барања за имплементирање на постоечките закони. Официјално 50 до 60 илјади работници ја имаат изгубено работата, а нови отпуштања се очекуваат во угостителскиот сектор кој е затворен со новите рестриктивни мерки – истакна Рапловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.